Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги и психотропни супстанци и прекурсори“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Р.(31),Е.З.(30) двајцата од Охрид, Ф.К.(27) од струшкото село Делогожда, А.Х.(21) и Б.И.(24), двајцата од струшкото село Велешта.
По добиени оперативни сознанија, полициските инспектори ги затекнаа пријавените при купопродажба на опојна дрога марихуана што била претходно договорена да се реализира на улицата „Васил Стефоски“ во Охрид во близина на брегот на Охридското езеро. Притоа, пронајдена е една сива најлонска кеса облепена со самолеплива лента со опојна дрога марихуана во вкупна нето тежина од 994 грама и едно целофанското пакување со нето маса од 0,64g. марихуана. Во моментот кога ги забележале полициските инспектори, пријавените се обиделе да избегаат со патничко моторно возило марка „Ауди“ со струшки регистарски таблици но се сопрени. По извршен преглед, во грмушка во близина на местото каде беше паркирано возилото, пронајдена е сива најлонска кеса облепена со самолеплива лента со марихуана, покрај возилото пронајден е еден кујнски нож со црна рачка со траги од марихуана. Дополнително до метална ограда покрај улицата пронајдена е една целофанска паковка со марихуана.
При извршен претрес во домот на Ф.К. од селото Делогожда, на првиот спрат од куќата, во неговата соба во фиока пронајдени се околу 100 семки што потекнуваат од растението Cannabis.
Опојната дрога марихуана во нето тежина од 994 грама, пријавените А.Р.(31) и Е.З.(30) за сума од 550 евра требало да им ја продадат на Ф.К.(27) и А.Х.(21).
Пријавените, се лица познати на службата против кои по слични основи биле поднесувани соодветни пријави.