Наместо празнична тура во Истанбул, дводневно заложништво

Еден од македонските туристи кои беа „заглавени“ во хотели во Истанбул се јави во емисијата „Ја сакам Македонија“ и го раскажа патешествието за кое вели дека било вистински хорор.

Како што појасни тој, газдата на туристичката агенција „Јупитер“ должел пари кон неколку хотели во Истанбул, а не биле уплатени ниту парите од сегашната тура.

Имено, нашите туристи плаќале аранжмани од околу 60 евра, за две ноќевања и појадок, а патните трошоци ги платиле дополнително.

-Кога требаше да одиме во хотел ни рекоа дека нема хотел, а ниту една од факултативните активности кои ни беа ветени не беше реализирана, вели револтираниот гледач.

Тој додаде дека иако им било ветено сместување во хотел во центарот на Истанбул, нашите туристи биле поделени. Дел од нив кои што биле сместени во центарот спиеле во подруми, дел во хотел кој што се наоѓал 50 километри од центарот, а третиот дел од патниците биле однесени уште 15 километри подалеку.

Во хотелите на туристите им биле побарани пасошите. Дел од туристите ги дале пасошите на рецепција, а дел одбиле да го сторат тоа.

-Од тие што ги дадоа пасошите хотелите побараа сами да го платат сместувањето, а менаџерите и водичите беа однесени на разговор во полиција, вели тој.

Во целата ситуација морал да интервенира конзулот на Македонија во Турција, па по дводневнито заложништво оние туристи кои не го дале пасошот си заминале, додека другиот дел чекале уште една интервенција од конзулот.

Менаџерот на хотелот „Севџан“ во телефонски разговор за Канал 5 потврдил дека сопственикот или претставникот на туристичката агенција „Јупитер“ од Скопје бил задржан во полициска станица во Истанбул.

Тој потврдил дека парите што ги платиле туристите во агенцијата не биле префрлени на сметката на хотелот. Станува збор за девет илјади евра за неговиот хотел, односно вкупно 14 илјади евра.

Извор: Нет Прес