На Аеродромот во Охрид „ТАВ Македонија“ им посака добредојде на првите холандски туристи

Со церемонија за добредојде, ТАВ Македонија утрово на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ ги пречека првите 180 холандски туристи кои пристигнаа со чартер-летот на авиокомпанијата „Корендон“.

Девојки облечени во македонска народна носија, ги понудија туристите кои допатуваа од Амстердам, со традиционалната закуска од леб и сол, а претходно вработените на ТАВ Македонија приредија интересна глетка за присутните – воден мост во форма на виножито го опкружи авионот.

Од ТАВ Македонија велат дека се задоволни што овие чартер-летови со холандските туристи продолжуваат и оваа летна сезона, петта година по ред.

„Денеска на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле по петти пат традиционално го пречекуваме првиот лет на компанијата „Корендон“ со холандски туристи, изразувајќи им топло добредојде – со погача и сол. Меѓу патниците препознаваме и такви кои и порано доаѓале во Охрид што особено нè радува и ја потврдува нашата посветеност на патниците и нивните потреби. ТАВ Македонија заедно со Општина Охрид и со поддршка на Владата на Република Македонија и оваа година понуди услуги со атрактивни цени за чартер-компании од повеќе европски дестинации. Сето тоа, заедно и со новите редовни линии што се воведуваат летово, ќе придонесе за да се оствари уште една успешна и богата туристичка сезона на охридското крајбрежје“, истакна Зоран Кртевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Од компанијата која оперира со двата македонски аеродроми, велат дека во Охрид ова лето може да се очекуваат над 20.000 туристи од Холандија, како резултат на чартер-линиите Амстердам-Охрид-Амстердам на двете компании „Корендон“ и „Аркефлај“, кои почнуваат во мај и ќе траат до октомври. Во овој период, од двете компании заедно, се очекува во Охрид да долетаат околу 130 авиони полни со холандски туристи.

Од ТАВ Македонија најавуваат дека и годинава во текот на летната туристичка сезона се очекува зголемување на сообраќајот на „Свети Апостол Павле“, не само поради патувањата на Холанѓаните, туку и поради редовните чартер-линии на авиокомпанијата „Ники“, редовните линии на „Џетерфлај“ на релација Брисел-Охрид-Брисел, зголемениот број на летови неделно на „Хелветик“ на релација Цирих-Охрид-Цирих, како и поради двете нови директни линии до Лондон и Базел, кои нискобуџетниот авиопревозник „Визер“ ќе ги воведе од охридскиот аеродром во јуни и јули годинава.

DSC08228