Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 7 Мај – Денот на полицијата и безбедноста, упати честитки до министерот за внатрешни работи, м-р Гордана Јанкулоска и до министерот за одбрана, д-р Зоран Јолевски.
„Почитувана г-ѓо Јанкулоска,
Како Претседател на Република Македонија и како врховен командант, ми претставува задоволство Вам, на директорот на Бирото за јавна безбедност, на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и на сите припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, да Ви го честитам 7 Мај – Денот на полицијата и безбедноста.
Македонската полиција постои за да им служи на македонските граѓани, да се грижи за секојдневната заштита на нивните животи, личната безбедност и сопственост. Борејќи се против организираниот и сериозен криминал, заштита на демократските институции утврдени со Уставот и спротивставувањето, и заштита од тероризмот, овластените службени лица придонесуваат кон добросостојбата и напредокот на Република Македонија и македонското општество. Преку чесноста и професионализмот во работата, припадниците на Министерството за внатрешни работи на дело ја покажуваат посветеноста кон добробитта на македонските граѓани.
На сите припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија им честитам за професионализмот во извршувањето на одговорните задачи, но пред сè за лојалноста кон татковината – Република Македонија.
д-р Ѓорге Иванов
„Почитуван г. Јолевски,
Како Претседател на Република Македонија и како врховен командант, ми претставува задоволство Вам, на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, на раководителот на секторот Служба за воена безбедност и разузнавање, на командантот на баталјонот за Воена полиција и на сите овластени службени лица во Министерството за одбрана и во Армијата на Република Македонија, да ви го честитам 7 Мај – Денот на полицијата и безбедноста.
Давајќи придонес кон одбраната на Републиката, секторот Служба за воена безбедност и разузнавање и припадниците кои се наоѓаат во секциите Ј-2 и С-2 во структурата на командите и штабовите на Армијата на Република Македонија и припадниците на баталјонот за Воена полиција ја исполнуваат својата мисија кон добросостојбата и напредокот на Република Македонија и македонското општество. Преку чесноста и професионализмот во работата, припадниците на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија на дело ја покажуваат посветеноста кон добробитта на македонските граѓани.
На сите овластени службени лица во Министерството за одбрана и во Армијата на Република Македонија им честитам за професионализмот во извршувањето на одговорните задачи, но пред сè за лојалноста кон татковината – Република Македонија.“- стои во честитките.