Ќе се унапредува грижата за лицата со посебни потреби

Меморандум за соработка меѓу министерствата за култура и за труд и социјална политика, преку чија имлементација ќе се реализира проектот насловен „Инклузивни и креативни“ со кој ќе се унапреди заедничката грижа за лицата со посебни потреби, потпишаа денеска ресорните министри Елизабета Канческа-Милевска и Диме Спасов.

Станува збор за исклучително значаен документ со кој даваат придонес во подигањето на свеста за лицата со посебни потреби кои се рамноправни и корисни чинители во општествената заедница.

Министерката Канческа-Милевска истакна дека проектот „Инклузивни и креативни“ ќе овозможи лицата со посебни потреби кои се сместени во Дневните центри на Министерството за труд и социјална политика ширум Република Македонија, да ги продаваат своите креативни творби кои ќе бидат јавно изложени во сите 20 сувенирници низ државата, односно во монтажните објекти за продажба на сувенири и друг информативен и туристички материјал кои во изминатиот период ги поставивме во градовите и на нашите гранични премини.
Овие експонати кои ќе се изработуваат со посебни калапи со мотиви од богатата историја и културно наследство на нашата земја, рече Канческа-Милевска, ќе бидат посебно означени како производи кои се рачна изработка.

„Сигурна сум дека овој проект битно ќе влијае врз поттикнувањето на креативноста на лицата со посебни потреби и нивната инклузија во секојдневниот живот. Овие лица кои имаат навистина специфичен сензибилитет со кој создаваат исклучително креативни дела, заслужуваат посебно охрабрување и ние мораме да се насочиме кон активности и проекти кои ќе ги задоволат потребите на лицата со посебни потреби и ќе овозможат нивно активно интегрирање во нашето културно и општествено живеење”, нагласи Канческа-Милевска.

Со проектот, појасни таа, ќе создадеме и поволен амбиент за развој на инклузивното претприемништво на централно, но и на локално ниво, како и развивање на свеста и потребата од поврзување на претприемачкиот и креативниот концепт кај секој поединец, вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби.

Укажа дека во рамки на програмите од национален интерес, како дел од Стратегијата за развој на културата за 2013-2017 година, Министерството за култура во континуитет поддржува проекти наменети за збогатување на културната понуда за лицата со посебни потреби.

„Конкретно, во Годишната програма на Министерството за култура за годинава, се поддржани многу проекти од областа на театарската, музичката и ликовната уметност, бројни едукативни програми и работилници. Ќе ја споменам манифестацијата „Балот на различностите“ која минатата година го освои вниманието на целокупната македонска јавност, проектот „Истражувај со имагинација“ за децата со посебни потреби, Вториот интернационален драмски фестивал за актерски групи на лица со и без хендикеп насловен како „Игри без маска“ и многу други интересни содржини”, рече Канческа-Милевска.

Според неа, од особена важност е што националните установи од областа на култура, интензивно ги отвораат вратите за лицата со посебни потреби и стануваат активни промотори на концептот на инклузивноста. Потенцира дека во Кинотеката на Македонија присуствувала на еден исклучителен настан со кој беше одбележан 21 Март, Светски ден на луѓето со Даунов синдром, додека пак во Националната галерија на Македонија (објект Чифте амам), била отворена изложбата „Сите бои на љубовта“, посветена на Меѓународниот ден на аутизмот.

Укажа на уште неколку проекти кои се дел од програмата на Владата и Министерството за култура како формирањето на библиотечниот центар во рамки на НУБ „Св. Климент Охридски” со кој се овозможи доближување на книгата до широк круг на визуелно хендикепирани читатели во Македонија, а во тек е реализацијата на проектот за поставување на пристапни рампи во сите 34 институции од областа на културата со што ќе се обезбедат сите услови за непречено присуство на овие лица на настаните кои ги организираат културните установи.

„Од особена важност е што во неколку институции од областа на културата, ќе бидат реализирани и нови вработувања на лицата со посебни потреби, кои со својот ангажман, активно ќе придонесат во работата на овие установи. Министерството за култура и во иднина ќе продолжи посветено да работи на унапредувањето, развојот и промоцијата на културата на Република Македонија и нејзина достапност до сите граѓани, вклучително и до лицата со посебни потреби кои несомнено не учат, сите нас, на вистинските вредности”, додаде Канческа – Милевска.

Министерот Спасов рече дека Владата во своите приоритети има зголемување на финансиската поддршка и паричните права кои го остваруваат овие лица, деца и нивните родители, како и воведување нови парични права како што е паричното право за посебен додаток за сите деца со Даунов синдром или пак зголемувањето на посебниот додаток за материјално необезбедени родители на децата со пречки во развојот за 25 проценти, како и зголемувањето на додатокот за згрижувачките семејства во Република Македонија за 25 проценти.

„Сите овие права стапуваат во сила и почнуваат да се реализираат идниот месец. Направени се соодветните законски измени, обезбедени се финансиски средства од над 30 милиони денари за воведување на овие парични права и зголемување на постоечките. Покрај тој наш приоритет, наша заедничка цел е да ја унапредуваме меѓуинституционалната соработка преку која практично можеме да влијаеме на подобрување на состојбата во повеќе области, па и во областа за подобрување на грижата за лицата со инвалидност”, посочи Спасов.

Појасни дека „Инклузивни и креативни“ е проект од програмата на Владата, кој опфаќа еден значаен сегмент за згрижување на децата со пречки во развојот, како и на лицата со инвалидност. Во сите дневни центри кои се под Министерството за труд и социјална политика и центрите за социјална работа, потенцира, сакаме да воведеме нова програма и да ја надградиме постоечката со овој проект преку организирање креативни работилници и искористување на креативниот потенцијал на лицата и децата со посебни потреби за изработка на сувенири кои потоа ќе се продаваат во продавниците за сувенири под Министерството за култура за добротворни цели. Нагласи дека средствата кои ќе се реализираат од продажбата на овие сувенири повторно ќе бидат наменети за потребата на овие лица, како и за подобрување на условите во центрите за згрижување.

„Ќе продолжиме да ја унапредуваме соработката со Министерството за култура во насока на реализација на проекти, како што е континуирано надградување на фондот на аудио книги во библиотеката за аудио книги при НУБ „Климент Охридски“. Досега снимивме околу 100 аудио книги, а овој месец склучивме договор за дополнително снимање на 200 аудио наслови, со што дополнително ќе се зголеми фондот на аудио книги наменет за слепите лица и деца. Ќе продолжиме со реализација на вакви битни проекти”, додаде Спасов.