Пукање во Куманово: Повредени 12 полицајци, тројца потешко

Во 4.30 раноутринава во Куманово започна голема вооружена престрелка.

Во престрелката меѓу полицијата и сè уште неидентификувана вооружена група, утрово во Kуманово повредени се 12 полицајци, а меѓу нив неколку со тешки повреди.

Светлана Спасовска од Карил во Кумановската болница за TV „Телма“ изјави дека на тројца од полицајците им била укажана лекарска помош, но сите се пренесени во Клиничкиот центар во Скопје кој е под силно полициско обезбедување.

„Во раните утрински часови околу 5 часот беа донесени тројца полицајци од специјална единица повредени со прострелни рани во рамо, нога и во долниот предел на колкот. Сите се пренесени во Скопје“, истакна Спасовска за Телма.

МВР презема мерки за разбивање на вооружена група во кумановската „Дива населба“, изјави портпаролот на МВР Иво Котевски.

Акцијата, се одвива по претходно добиени оперативни сознанија дека во тој дел од градот има вооружена група.

Од МВР апелираат граѓаните да останат мирни.

Извор: Нет Прес