Свечена академија по повод Денот на Европа

Традиционално, беше доделено и признанието за европска личност на годината, кое годинава му беше врачено на македонскиот уметник Јован Балов …

Во организација на Европското движење во Република Македонија, синоќа во Младинскиот културен центар се одржа свечена академија по повод 9 Мај – Денот на Европа. На свеченоста, на која присуствуваа видни личности, меѓу кои и амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Аиво Орав, се обрати и државниот советник во Министерството за култура, Снежана Ристовска. Таа го истакна придонесот на Европското движење во Македонија кое, како една од првите невладини организации во нашата држава, веќе 24 години ја промовира европската идеја за заедништво, толеранција и културното запознавање. Ристовска нагласи дека Министерството за култура како и досега, така и во иднина ќе ги поддржува активностите на Европското движење, кои, несомнено, ги унапредуваат културниот амбиент и едукативниот процес во Република Македонија. Таа, во своето обраќање пред присутните на академијата, која се одвиваше под покровителство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, потенцираше дека Република Македонија е длабоко посветена на процесот на европските интеграции како долгорочна политичка определба.

„Република Македонија покажа и докажа дека ги негува културата и дијалогот како методи без алтернатива за просперитет и прогрес не само на државата туку и на регионот воопшто“ – нагласи Ристовска.

Во рамките на свечената акдемија беа доделени и наградите од детскиот ликовен конкурс на тема „Ајде да патуваме во Европа“ што го организираа општина Аеродром и Европското движење во Република Македонија. Традиционално, беше доделено и признанието за европска личност на годината, кое годинава му беше врачено на македонскиот уметник Јован Балов.

015_EDRM_-_kino_Frosina