Во Делчево и во селото Разловци со повеќе пригодни манифестации се одбележува 139-годишнината од Разловечкото востание.
Во фоајето на Спомен-домот АСНОМ денеска беше отворена ликовна изложба „Македонија низ вековите“, а Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ организираше литературно читање на тема „Разловци низ песните“, на кое настапија повеќе поети од Клубот на роднокрајни автори.
На летната сцена во Делчево попладнево се одржува и музичко-фолклорна ревија, на која настапуваат повеќе културно-уметнички друштва, инструменталисти и исполнители на изворни песни од Пијанечко-малешевскиот крај.
Планинарите од Општина Делчево и нивни гости од други места на државата, утре рано наутро ќе го почнат традиционалниот планинарски марш „По патеките на разловечките востаници“.
Панихида и заупокоена литургија утре во храмот „Св. Цар Костадин и царица Елена“ ќе отслужат свештениците од архиерејското намесништво на МПЦ – ОА, а градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански во Спомен-домот на востанието во Разловци ќе приреди прием за гостите и учесниците во прославата на 139-годишнината од Разловечкото востание. Делегации ќе положат свежо цвеќе пред спомен-плочата на Поп Стојан и неговите соборци и организатори на историскиот настан од 1876 година.
Утре во Разловци, исто како и денеска во Делчево, ќе се одржи богата културно-уметничка програма.
Извор: Нет Прес