Денес, по повод 17 – ти мај – Меѓународниот ден на СОС линиите за помош и поддршка на децата низ целиот свет, ја информираме јавноста дека оваа година мотото на кампањата е „Донирај го твојот глас“. Целта на оваа симболична кампања е да се зголеми видливоста и важноста на линиите за помош и поддршка кои се од неопходно значење за децата, како и да се поттикнат Влaдите во целиот свет да ги поддржат СОС линиите за деца. Затоа, на 17 мај заедно го одбележуваме фактот што ниедно дете не е сосема само.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши е полноправна членка на Child Helpline International (CHI) – која ги обединува СОС сервисите за помош на деца од земји ширум целиот свет.
Постојат повеќе причини зошто децата се јавуваат на СОС телефоните. Децата се најранлива група во секое општество. Тие се инволвирани во семејните проблеми и зависни од постапките на возрасните, кои пак не секогаш свесно и правилно постапуваат со децата. И затоа линиите за помош на деца им ја даваат можноста да добијат помош и да ги изразат нивните проблеми. Функцијата на СОС телефоните е од огромно значење и важност, бидејќи тие претставуваат значаен механизам на поврзување со децата што овозможува гласот на секое момче и девојче да биде слушнато. Нивната мисија е да одговорат на детските потреби за грижа и заштита. Добро е да се знае дека од помошта/поддршката децата ги дели само еден телефонски повик.
Свесни за значењето на социјалните мрежи, нивното влијание и достапност кај децата, Детската амбасада Меѓаши ќе отвори посебна страна на социјалната мрежа Facebook, каде децата, родителите, граѓаните ќе можат да се инфромираат за начините на заштита на децата, нивните права и да пријават случаи на злоупотреба или прекршување на правата на децата. На оваа страна дополнително ќе може да се обезбеди on line советување.
СОС телефонот за деца и млади 0800 1 22 22 при Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ постои 22 години и тоа е доказ за неговата неопходност, доследност и важност во насока на заштита на децата и нивните права. Но, овој телефон сиве овие години не претставува само место на кое се информираат децата, туку добиваме и дојави од возрасните кои се загрижени за состојбите со децата. Возрасните подеднакво како и децата се заинтересирани да се информираат за начните на заштита и превенција од занемарување и злоупотреба на децата.
Во текот на овие 22 години од работата на СОС телефонот за деца и млади при Првата детска амбсада во светот Меѓаши потсетуваме дека:
∙ Регистрирани се над 20.000 повици;
∙ Сме посветиле 202.000 работни часови во помош и поддршка на децата;
∙ Повеќе од 200 волонтери/ки и СОС оператори/ки се обучиле за работа со деца. Своето време и знаење го посветиле во насока на заштита и грижа за децата;
∙ СОС телефонот 0800 1 2222, според истражувањето направено во 2009 година, е препознаен од страна на децата како втор по важност, после бројот 192;
∙ Ако сме помогнале и на најмалку 1% од децата кои ни се обратиле ние сме ја оправдале полезноста на телефонот. Со тоа сме се обиделе да го оправдаме постоењето и значењето на овој телефон кој е од општествен интерес и кој веќе 22 години одговара на детските потреби за грижа и заштита.
СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 овозможува гласот на секое момче и девојче да биде слушнат. Затоа сметаме дека е неопходно да потсетиме за важноста од хармонизација со европскиот број 116 111 и финансиска оддржливост на СОС телефонот за деца и млади. СОС телефонот за деца и млади при Детска амбасада Меѓаши е поддржан од Child Helpline International во напорите кои ги прави за спроведување на препораките од Комитетот за правата на детето при Обединетите нации кои Комитетот ги испрати до Владата на Република Македонија во Јуни 2010 година. Комитетот за правата на детето при ОН и препорачува на Владата на Република Македонија:
– да се хармонизира СОС телефонот за деца и млади при Детската амбасада Меѓаши со меѓународниот број 116 111
– Владата преку домашни извори на финансирање да овозможи 24 часовна достапност на оваа линија за деца од сите телефонски оператори
– да овозможи непречена финансиска поддршка од државата
– сос линијата за помош и поддршка на децата да се користи како извор на податоци при формирање на политиките и законите на правата на детето.