Охридското село Елшани веќе од поодамна е на мапата на европските и светски тур-оператори. Од година во година бројот на туристи кои го посетуваат селото се зголемува. Доаѓаат различни луѓе од различни места и со различни манири, но со една цел – да ги видат убавините на Елшани и на Езерото и Галичица, гледани и почувствувани во Елшани.
Меѓу бројните гости доаѓаат Холанѓани, Израелци, Јапонци, Французи, Бугари, Срби, Словенци, Пољаци и други. И оваа година туристичката сезона во Елшани веќе започна. Секојдневно доаѓаат групи туристи кои го вкусуваат елшанското добредојде и елшанските домашни јадења, а уживаат и во јавањето на магариња што претставува и една своевидна атракција. Но и гостите можат да бидат атрактивни. Токму такви гости денес го посетија Елшани. Ева и Виктор Милер од Берлин, Германија, заедно со тројца необични придружници – кучињата – транспортери: Ива, Ида и Бјорн кои натоварени со различни камперски и туристички потребштини чекорат, се движат или лежат крај своите сопственици.
Ева и Виктор се вљубеници во природата и во пешачењето, но нивната пасија се авантури на велосипед низ цел свет. Токму и оваа маршрута во која и Елшани е на нивниот пат претставува дел од нивните авантури. Нивните велосипеди се опремени и со приколки во кои се сместуваат нивните корисни кучиња-кои беа вистинска атракција за жителите на Елшани. Патем, во агендата на Ева и Виктор е и набавката на едно магаре кое би им олеснило за транспорт на нивните преполни и тешки ранци во кои собираат и носат сувенири од секое доживеано место. Токму во Елшани тие разгледуваа повеќе магариња за да можат да изберат едно силно и, како што велат, карактерно магаре кое ќе треба да пропешачи повеќе од илјада километри за да стигне од Елшани до Берлин. Необичните туристи со своите придружници – натоварените кучиња веројатно ќе бидат уште понеобични со новиот нивни придружник.
Инаку, сезоната во Елшани само што започнала, а атракциите се можни и во иднина. Впрочем и тоа е дел од убавината на патувањата и доживувањата.
WebOhrid /Фото: Дим Дон