Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски денес во изјава за медиумите изјави:
„На денешната седница на дневен ред се две точки по барање на СДСМ и опозициската коалиција:
• Информација за упадот на полицијата во дворот и објектот на библиотеката Браќа Миладиновци при протестите на 5-ти мај и
• Информација за средношколските протести и состојбите во средните училишта на Град Скопје
Се работи за теми кои се поврзани со спонтаните граѓански протести пред Владата по објавувањето на вознемирувачките разговори во врска со обидот за прикривање на убиството на Мартин Нешковски, како и противењето на средношколците на лошите состојби во образованието. Се работи за институции коишто се под надлежност на градот.
Вознемирувачката содржина и нечовечноста на врвните функционери на Владата во постапувањето со убиството на Мартин Нешковски, предизвикаа огромен гнев кај граѓаните на Скопје. Меѓутоа, според нашите информации, помеѓу демонстрантите беа уфрлени и провокатори коишто ја нападнаа полицијата. Реакцијата на полицијата беше брутална и со прекумерна употреба на сила. Во притвор се голем број на студенти коишто се невини и коишто на никаков начин немаат придонес во нападите брз полицајците.
Имајќи во предвид дека причина за протестите е обидот да се прикрие брутално убиство на невин млад човек од страна на припадници на МВР, СДСМ бара итно ослободување на притворените невини студенти од протестите на 5-ти мај.
За убиството мора да има и командна одговорност, како и одговорност за оние коишто со денови се убидувале да го прикријат убиството. Истовремено бараме итно покренување на истрага и процесуирање на случајот за обидот за прикривање на убиството на Мартин Нешковски на сите инволвирани официјални лица од МВР.
Ослободувањето на притворените и повторното отворање на истрагата за убиството на Мартин Нешковски, само може позитивно да влијае на олабавување на политичката тензија којашто владее во државата, во исчекување на оставката на Никола Груевски.“- истакна Манчевски.