Одбележан меѓународниот ден на биодиверзитетот – пуштена во употреба Првата мониторинг станица за Преспанското Езеро

„Посебно задоволство ми претставува што денес сме во можност и официјално да ја ставиме во функција Мониторинг станицата за Преспанското Езеро, што е едно од најголемите достигнувања во обезбедувањето на идната заштита на овој непроценлив екосистем. Би сакал да потенцирам дека со воведување на редовен мониторинг на Езерото се вбројуваме помеѓу оние држави и региони во светот кои вистински ги ценат природните ресурси и соодветно се грижат за нив“ – истакна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири во поздравното обраќање по повод одбележувањето на 22 мај – Мeѓународниот ден на биолошката разновидност и свеченото пуштање во употреба на Првата мониторинг станица за испитување и следење на квалитетот на водите на Преспанското Езеро, кое се одржа денес во ресенското село Стење.

Станицата е поставена со цел да се подобри зачувувањето на богатата разновидност на природните живеалишта и видовите на сливот на Преспанското Езеро, како едно од најстарите слатководни езера во светот, со уникатен екосистем кој еволуираше во текот на пет милиони години, обезбедувајќи живеалиште за повеќе од 2.000 видови на риби, птици, цицачи и растенија.

Опстанокот на овој непроценлив биодиверзитетот директно зависи од квалитетот на водата, која во текот на последните 40 години беше подложена на притисок на подолг сушен период, загадување предизвикано од неодржливи земјоделски практики, вклучувајќи ги и прекумерна употреба на ѓубрива, пестициди и фрлање на отпадот.

Како главна цел, Министерот ги посочи заложбите, овој систем, не само да функционира на одржлива основа, туку истиот да се преслика во други сливни подрачја во државата со што директно ќе се придонесе кон уште поголема меѓународна промоција на вредностите на Преспа и успехот на заедничките напори во заштитата на богатиот биодиверзитет.

Во оваа прилика министерот Изаири изрази посебна благодарност до Владата на Швајцарија за помошта во реализација на проектот: „Заштита на Преспанското Езеро“ и до УНДП кој го спроведува проектот, во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Ресен нагласувајќи го неговото големо значење за заштитата на овој редок биосферен резерват.

На настанот се обрати и градоначалникот на општина Ресен, Ѓоко Стрезовски, кој меѓу другото рече:

„Славејќи го денешниот ден морам да ја потенцирам неговата големина која е содржана во фактот што и покрај огромната важност на Преспанското Езеро, како и предизвиците со кои овој екосистем се соочуваше во текот на минатите децении, ова претставува прв сеопфатен обид да се воведе организиран и редовен мониторинг на езерото од македонска страна. Тоа е од клучна важност во воведувањето на оптимално управување со езерскиот екосистем и економските активности во неговото сливно подрачје кои влијаат врз езерото. Со негова помош ќе може да се следат и документираат позитивните промени кои се резултат на серијата на мерки што во овој регион се успешно спроведени во текот на изминатите неколку години.“– рече Стрезовски.

Со поздравен збор се обратија и Алесандро Фракасети, заменик на постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Стефано Лазарото, амбасадор на Швајцарија во Македонија.

Како паралелен настан беше посетена изложбата на сликарката Кристина Зимбакова, кој под наслов „Микориза“ беше поставена на единствениот остров во Македонија – Голем Град.

prespa prespa-1 prespa-2