Спречен обид за нелегално изнесување на 37 илјади евра

Царинските службеници од граничниот премин Табановце – автопат спречија обид за нелегално изнесување на поголема сума девизи во државата.

Утрово, за излез од државата се пријави автомобил марка Мерцедес CLS 320 CDI со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, придружуван од уште еден македонски државјанин.

На прашање на царинските службеници дали имаат нешто да пријават за царинска контрола, возачот одговорил негативно, додека патникот изјавил дека освен околу 2.200 евра, нема ништо друго да пријави.

Поради сомневање во изјавата, лицата и возилото беа селектирани за детална контрола. При извршениот претрес на патникот, покрај пријавените 2.200 евра, во внатрешниот џеб од неговата јакна се пронајдени 33.500 евра, а во џебот во панталоните уште 300 евра. При претрес на возилото, во потпирачот за рака помеѓу предните седишта, во друг новчаник се пронајдени уште 3.000 евра. Лицето не поседуваше документ за потекло на парите.

Согласно Законот за девизно работење, 2.000 евра, износ кој резидент слободно може да ги изнесе од државата му се вратени на прекршителот, додека остатокот од 37.000 евра е привремено задржан.

Против прекршителот е поведена прекршочна постапка.