Честитка од претседателот Иванов по повод Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

„Почитувани сограѓани,

Ми претставува особено задоволство да ви го честитам Денот на сесловенските светители и просветители, браќата Кирил и Методиј.

Мисијата на светите браќа беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и да ја пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја. Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација за кои тие се залагаа и денес се основни универзални и европски човечки вредности.

Давајќи ни писменост, светите Кирил и Методиј го ослободија нашиот духовен и творечки потенцијал. Нивното благородно дело во Македонија го продолжија и преродбениците кои одново ни ја вратија довербата во македонскиот јазик, а со тоа и довербата во нас самите.

Наша должност кон светите браќа кои ни дадоа азбука, кон учебникарите кои нè образуваа, кон преродбениците кои нè просветлуваа, кон поетите и писателите кои го подмладуваа нашиот јазик, е одговорно да го користиме јавно изговорениот збор. Бидејќи, нашиот јазик е единствената наша комплетна татковина, која и во време на предизвици сме должни да ја чуваме со зборови на сплотеност и почитување, независно од нашите идеи, погледи и ставови.

Почитувајќи ги јазикот, писмото и културата градиме заедничка мисија за достоинство и чест за секој граѓанин.

Нека е за многу години овој празник.“- стои во честитката.