Вечерва во 20:30 часот во предворјето на црквата Св.Софија, со премиерата на театарската претстава „ДЕСПИНА ЌЕ ЈА ГРАБИМЕ…НИКОЈ ДА НЕ ЗНАЕ…“ во изведба на аматерската актерска група на младите волонтери на Црвен крст Охрид ќе биде отворен овогодинешниот Аматерски младински театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“.
Од 25-28 мај, охриѓани, но и гостите-туристи ќе имаат можност да уживаат во актерските вештини на преку 50 младинци актери-аматери од организациите на Црвениот крст од Охрид, Крагуевац, Битола и Требиње, кои заедно со режисерите, текстописците сценографите својата креативност и талент ќе ги изразат преку театарски претстави, упатувајќи силни хумани пораки.
„И оваа година очекуваме охриѓани да го покажат својот интерес за театарската мисла и со свое присуство на претставите, оддадат признание за посветеноста и ентузијазмот на младите талентирани волонтери-актери.“– велат организаторите.
Влезот за сите претстави е слободен.