Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески денеска беа дел од свеченоста по повод отворањето на новите простории на фестивалот „Охридско лето“.
Како што нагласи министерката Канческа-Милевска, од буџетот на Министерството за култура биле издвоени 1,6 милиони денари за уредувањето на новите работни простории на фестивалската дирекција.
„Со реновирањето на овој простор, националната установа „Охридско лето“ добива комплетно нов и модерен простор со префинет дизајн, кој овозможува поблиска комуникација со сите пријатели, спонзори, помагатели, уметници, соработници и претставници на средствата за информирање кои мошне активно и посветено ги следат случувањата на фестивалот. Просторот кој денеска го промовираме е максимално професионално уреден и се надевам дека овие реновирани 200 метри квадартни ќе бидат катчето каде во текот на целата година ќе се раѓаат и ќе се развиваат многу нови идеи кои ќе придонесат за развојот на богатата фестивалска историја на „Охридско лето“, рече Канческа- Милевска.
Таа потсети и на зафатите со кои неодамна се покрија дел од отворените сцени на „Охридско лето“.
„Во оваа пригода само ќе потсетам дека и покривните конструкции на двете сцени на Античкиот театар и Долни Сарај, проект за кој Министерството за култура минатата година издвои 15 милиони денари, се од огромна полза за сите настани кои се реализираат во општина Охрид, но и во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Овие конструкции кои се направени според сите светски стандарди, овозможија унапредување на условите за реализација на сите музичко-уметнички настани и манифестации кои се одвиваат во градот во текот на целата година,“ додаде Канческа-Милевска.
Просторното решение според директорката на „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска ја отсликува заложбата на оваа национална установата, културата да се движи кон нови современо текови, налик на светските збиднувања, при тоа, како што рече, зачувувајќи ја долгата традиција од 55 успешни години.
„Верувајќи во визијата дека работниот простор е место каде треба убаво да се чувствувате, и при тоа, максимално работно да бидете ангажирани, од оваа јубилејна година ќе ве пречекуваме тука, во овој простор, уреден по дизајн на архитектот Кирил Илоски, а во изведба на тимот фирмата „МЗТ Инженеринг“. Тука и формата и бојата се внимателно избрани да ја надополнат сликата на модерниот стил кон кој чекориме, при тоа, чувајќи ја богатата фестивалска историја. Тука и уметноста умешно ја вклопивме преку делата на Кирче Стојоски“, истакна Јанкуловска.