На 45 постдипломци денеска им беа врачени дипломи за завршени студии по право на интелектуална сопственост кои, во рамките на проектот ТЕМПУС, ги организира Правниот факултет „Јустинијан Први“ во соработка со Центарот за меѓународни студии по интелектуална сопственост на Универзитетот во Стразбур.
Програмата на овие втор циклус студии се реализира пет години и е дизајнирана од експерти од оваа област од Франција и од Македонија. Од 2010 година на студиите се запишале 276 постдипломци.
Двојните дипломи, од Скопје и од Стразбур, на новата генерација им ги врачија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, амбасадорката на Франција во Република Македонија Лоренс Оер и деканот на Правниот факултет Борче Давитковски.
Канческа-Милевска истакна дека добивањето висококвалитетен кадар во сферата на интелектуалната сопственост е можеби најголема инвестиција во унапредувањето на заштитата на научното и уметничкото творештво на една земја.
„Интелектуалната, односно индустриската сопственост и авторското право и сродните права, заедно со образованието, културата, правосудството, економијата, телекомуникците и другите политики се индикатори за степенот на развој на општеството на секој план. Улогата на овие млади, стручни кадри во спроведувањето на ефективно и транспарентно остварување на авторските и сродните права е од есенцијално значење за нашата држава која настојува да биде дел од институциите на Европската Унија “– рече министерката за култура.
Таа посочи дека во Законот за авторското право и сродните права од 2010 година и во двете негови измени од 2011 и 2013 година се инкорпорирани сите меѓународни правни регулативи и стандарди и дека Законот бил позитивно оценет од меѓународната заедница.
Амбасадарорката Оер истакна дека правото на интелектуална сопственост е актуелна тема зашто таа ја штити креацијата, ги штити делата и им дозволува на авторите да ги соберат резултатите од својот труд.
„Потрагата по баланс меѓу заштитата на интелектуалната сопственост и еволуцијата на технологијата и знаењето е предизвик во светот – и за авотрите и за политичарите, како и за правниците. Франција постојано се бори во оваа област зашто интелектуалната сопственост овозможува сигурност на правото на уживање од плодовите на делата, но претставува и додадена вредност на самото производство“ – рече Оер.
Деканот Давитковски додаде дека кадарот во оваа област ќе ѝ биде од голема полза на Владата на РМ кога со ЕУ ќе ги почне пристапните преговори затоа што едно од поглавјата е токму заштитата на интелектуалната сопственост.
Тој е задоволен од соработката со Амбасадата на Франција која е интензивирана во последните години и резултирала со повеќе проекти. Исто така, деканот Давитковски ја соопшти и нивната нова идеја – да развијат мастер-студии и со Универзитетот Сорбона, по примерот на оваа соработка со Стразбур, со тоа што, исто така, би се добивала двојна диплома, на македонски и на англиски јазик.