Со доделувањето на пофалници за младите актери и нивните ментори, денеска во Центарот за култура „ Григор Прличев“ завршија деновите на ученичкиот театар, што е дел од проектот „ Популаризација на театарот“ . Општина Охрид, проектот го реализира во соработка со основните училишта, Центарот за култура „ Григор Прличев“ и Охридскиот народен театар. Пофалниците на учесниците и наставниците им ги врачи заменик градоначалникот Ангел Јанев.
„Во текот на манифестацијата „ Денови од ученичкиот театар“ имавме можност да ги проследиме извонредните театарски изведби на учениците од основните училишта, кои заедно со нивните наставници- режисери, својата креативност и талент ја прикажаа на сцената и ги упатија пораките на хуманост, соживот, победата на доброто над злото, победата на љубовта, цврстите семејни врски и доказот дека сепак, крвта не е вода.
Оваа манифестација која годинава има ревијален карактер, се надеваме дека во иднина ќе ја подигнеме на повисоко ниво и таа ќе добие и натпреварувачки карактер, бидејќи ова е исклучителна можност за да се пробуди креативноста како кај наставниците така и кај најмладите“– рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Преку ликовите на Дилбер Стана, Чорбаџи Теодос, Арсо и младата бегалка Ленче, учениците со успешни сценски настапи креирани од нивните наставници- режисери, соживувањето со ликовите и го пренесуваа на публиката. Учениците изведоа познати дела од македонската книжевна историја од времето на преродбата.
Општина Охрид, ќе продолжи да биде поддржувач на вакви културни проекти , преку кои младите се потсетуваат на сопствената историја, јазик, литература и вкупниот културен и национален идентитет.