Светски ден против пушењето

Тутунот убива речиси половина од своите корисници. Повеќе од пет милиони смртни случаи се резултат на директна употреба на тутун, додека повеќе од 600 000 се резултат на непушачи кои се изложени на пасивното пушење. Доколку не се преземат итни мерки, годишната бројка на загинати може да се зголеми на повеќе од осум милиони до 2030 година. Речиси 80% од една милијарда пушачи живеат во земјите со низок и среден приход. Според Светската здравствена организација околу една третина од вкупното население над 14 годишна возраст се пушачи. Мажите се застапени со 47% додека пак жените со 12%.

Никотинот и другите канцерогени материи застапени во цигарите како бензен – адитив на бензинот, формалалдехид кој е лесно запалив, јаглеродниот моноксид – издувен гас од автомобилите, хидроген цијанид – отровен гас, амонијакот кој се користи за чистење на тоалети, арсеник – отров за глувци влијаат на психоактивната состојба и заедно со катранот кој содржи смола имаат негативни здравствени последици. Тие последици се рак на белите дробови, рак на грлото и оралната празнина, срцеви болести и болести на крвните садови и мозокот, хроничен бронхит, хронични неинфективни заболувања и многу други.

Пасивното пушење (вдишувањето на чадот од оние кои пушат) го зголемува ризикот на непушачите од рак на белите дробови и ризикот од синдромот на ненадејна смрт кај бебињата. За време на бременост, никотинот ја опфаќа и плацентата, а откриен е и во амнионската течност и крвта на папочната врвка кај новороденчињата. Со пасивното пушење во организмот се внесува високо ниво на никотин. Пасивните пушачи внесуваат 3,6 милиграми, а активните 4,5 милиграми никотин од една или две испушени цигари.

Под дејство на никотинот се јавува чувство на пријатност, поради што кај пушачите желбата за него се зголемува. Имајќи предвид дека нервниот систем се навикнува на никотин, пушачите постепено ја зголемуваат дозата на цигари.

Поради овие факти Светскиот ден против пушењето постои за да ги потсети сите активни и пасивни пушачи, дека доколку се одлучат да се борат против овој порок сите би имале еднакви непосредни и долгорочни бенефиции од тоа.