Охридските паркови во ново летно руво

Градскиот парк и зелените површини во градот се разубавуваат во нови бои и цветни содржини. Новиот изглед на парковите каде се засадува новата летна цветна реколта ќе претставува препознатлива слика за Охрид во летниот и есенскиот период.

„Цветните садници се од сопствено производство од расадникот со топли леи, ги има во широк асортиман, колорит и висок квалитет од видовите: петунија, сурфинија, агератум, импатиенс, сардела, џунџуле, салвија, винка и др.“ –  велат од ЈП „Охридски Комуналец“.

Планирано е да се засадат околу 40.000 садници во градскиот парк и голем број зелени јавни површини во централниот и периферниот дел од градот.

Како што информираат од претпријатието, нов изглед добива и улицата „Димитар Влахов“ каде околу дрворедот од лагестремии се поставени украсни штитници, систем за наводнување на принципот „капка по капка“, а околу дрвјата се засадуваат зимзелени грмушки и сезонско цвеќе.