Денеска започнува исплатата на 100 – отстотното обесштетување на земјоделците и домаќинствата чии имоти и посеви беа оштетени од невремето и разорните поплави во јануари и февруари годинава, објави премиерот Никола Груевски.
„Со цел да се излезе во пресрет на граѓаните кои претрпеа штети, како по своите посеви така и по своите домаќинства, на крајот на март ветив, од Штип, 100 отстотно обесштетување. Веднаш се пристапи кон законско допрецизирање, олеснување и спроведување на постапка за проценка на целокупната штета, како и растоварување на административната процедура со цел да се помогне на земјоделците и домаќинствата погодени од невремето, “напиша премиерот на својот Фејсбук профил.
Груевски посочува дека тоа што го вети Владата и го исполни.
„Исплатите почнуваат денеска за првите 120 земјоделски домаќинства од Општина Могила која беше еден од најпогодените региони. Во наредните три недели ќе бидат исплатени во целост сите преостанати земјоделци и домаќинства од Могила, како и сите преостанати настрадани од погодените региони кои јавија и кај кои беше констатирана штета од невремето, за што се одвоени 12 милиони евра за нивна директна поддршка. Обесштетувањето е 100 отстотно. Колку што проценителите проценија и утврдија дека имало штета толку ќе им биде исплатено на луѓето,“ наведува премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Истовремено, посочува Груевски, Владата со поддршка од ЕУ обезбеди средства во висина од 10 милиони евра и за обнова на оштетената инфраструктура: патиштата, водоводните системи, малите брани.
„Продолжуваме да работиме, да создаваме и да придонесуваме за граѓаните,“ наведува Груевски на својот Фејсбук профил.
Ветувањето за исплата на обесштетувањето Груевски го даде на митингот на партијата во Штип што се одржа на 29 март.