Македонија заслужува што побрзо да стане полноправен член на Алијансата: силна порака од неформалниот форум во Берово

„За Република Македонија е значајно група интелектуалци кои имале високи позиции во американското и европското општество, луѓе кои се вистински пријатели на нашата држава да седнат на исто место и да поразговараат за стратегијата што дополнително треба да се направи со цел да го заземеме заслуженото место во НАТО-алијансата“. Тоа го изјави министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, за дводневниот неформален форум во Берово на кој учество земаат поранешни министри за одбрана, членови на Парламент и високи претставници на тинк-тенк заедницата во Соединетите Американски Држави.

Ние разменивме многу мислења и голем број идеи, посочи министерот, кои ќе ни помогнат во презентирањето на аргументите зошто Република Македонија треба да биде дел од Алијансата. Тоа е особено важно ако имаме предвид дека следниот самит на Алијансата ќе се одржи летото идната година во Полска, до кога треба да ги искористиме сите инструменти за да постигнеме најдобар резултат на патот кон нашето полноправно членство, рече министерот Јолевски.

Во контекст на начините како да се достигне посакуваната цел ,министерот посочи дека треба да се работи на постојано привлекување на пријатели на Македонија кои ќе бидат и моќен глас зошто Македонија треба да биде дел од НАТО. Воедно, и нашите мировници се едни од најдобрите амбасадори – тие покажуваат дека Македонија е одговорен член и партнер на меѓународната заедница во носењето на мир, демократија и стабилност во светот, истакна министерот и дополни дека тоа сепак е и исклучителна можност нашите мировници да добијат дополнителна обука и вештини кои се значајни за квалитетот на Армијата на Република Македонија.

„Тука сум да ја поддржам Македонија. Вие ги имате исполнето сите критериуми согласно Акцискиот план за членство и ние треба да ги притиснеме нашите сојузници да го направат она вистинското, односно да ја примат Македонија како полноправен член во НАТО“, рече Сели Пеинтер, аналитичар и истакната личност од американската тинк-тенк заедница со големо искуство во однос на претходните проширувања на Алијансата. Таа додаде дека Македонија е силен партнер и дека Алијансата треба да ја промени својата одлука.

Лук Кофи од Американската „Херитиџ Фондација“ истакна дека Македонија мора да продолжи на патот на партиципација и интензивен контакт со НАТО- алијансата. „Македонија носи голем бенефит кон глобалната сигурност, но не ги ужива бенефитите од членство во Алијансата. Им порачувам на македонските граѓани, иако е тешко, да бидат трпеливи. Ако имате еден член на НАТО кој не го цени тоа што го правите, има 27 земји членки кои тоа вистински го ценат“, додаде Кофи. Тој воедно високо ги оцени и реформските зафати во одбраната, особено во контекст на воената едукација и образование кои уште повеќе ќе ја доближат Македонија до Алијансата.

Неформалниот форум во Берово на едно место собра интелектуалци и истакнати личности меѓу кои и поранешниот министер за одбрана и сегашен член на Парламентот на Обединетото Кралство, Лиам Фокс, американскиот генерал Бен Фрикли и други, кои разговараат за евроаталнтските интеграции на Македонија, геополитичките промени и предизвици, регионот на Југоисточна Европа и позицијата на Република Македонија во него.