Обраќање на министерот Попоски на Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се обрати на редовниот состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена. Даде кус осврт на актуелните состојби во Република Македонија, со фокус на последните разговори во Брисел.

„Стратегиска цел за целосно интегрирање на Република Македонија во евро-атлантските структури која има широка поддршка во македонското општество бара сериозен и конструктивен политички ангажман. Република Македонија демонстрираше капацитет за дијалог во кој сите политички чинители треба да се однесуваат одговорно со цел да се надминат актуелните предизвици“, подвлече Попоски.

Осврнувајќи се на долгогодишната успешна соработка со ОБСЕ во поддршка на реформскиот процес во Република Македонија, шефот на дипломатијата ги изрази очекувањата за ангажманот на ОБСЕ во поддршка на договорените активности пред се во сферата на изборниот процес.

„ОБСЕ има експертиза која може да биде корисна за зголемување на довербата и одржување фер и демократски избори. Тоа ќе биде од помош за отстранување на креирани предизвици поради недоверба,“ истакна Попоски.

Во рамки на престојот, министерот имаше работен ручек со група амбасадори во организација на претседавачот на ОБСЕ.

На маргините на состанокот оствари и повеќе билатерални средби, а предвидено е да се сретне и со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Јукија Амано.