Македонија има јасна стратегиска цел, а тоа е членството во НАТО – министерот Јолевски во Полска

„Македонија има стратегиска цел и определба да биде дел од НАТО-алијансата. Вредностите на Алијансата се и наши вредности, и затоа македонските мировници даваат поддршка на напорите на НАТО за воспоставување на слобода и безбедност на глобално ниво“, рече министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски во своето обраќање на Глобалниот форум „Вроцлав 15“ во Република Полска.

Говорејќи на панелот посветен на „Патот кон Европа“, министерот Јолевски додаде дека граѓаните на Република Македонија даваат континуирана висока поддршка на процесот за интеграција кон Алијансата, процес кој е поддржан и од политичките партии во Македонија. „Македонија и земјите од регионот на следниот самиот кој ќе се одржи тука во Полска треба да бидат поканети за да станат полноправни членки. На тој начин ќе се зацврсти стабилноста и безбедноста во регионот на Југоисточна Европа, што е многу важно имајќи ги предвид новите геополитички предизвици“, рече министерот.

На маргините на овој значаен форум, министерот Јолевски оствари и билатерална средба со неговиот полски колега, министерот за национална одбрана Томаш Шимоњак. На средбата министрите ја потврдија одличната и интензивна соработка помеѓу двете земји. „Нашите почести средби се доказ дека постои одлична комуникација во рамките на одбраната. Македонија и Полска се две пријателски земји, кои меѓусебно се поддржуваат на сите полиња“, рече министерот на средбата. Во однос на интеграцијата во НАТО, министерот Јолевски укажа на аргументите зошто Република Македонија заслужува да биде веднаш дел од Алијансата и воедно се заблагодари за поддршката од Полска.

Во текот на денешниот ден, министерот Јолевски ќе оствари и средба со американската сенаторка Џеан Шахин, која е дел од Сенатот на САД од 2009 година, а е член и на Комитетите за вооружени сили и надворешни работи во Сенатот.

Утре, на вториот ден од Форумот, министерот Јолевски ќе се сретне со генералот Џејмс Џонс, поранешен Командант на Маринскиот Корпус и советник за национална безбедност на претседателот на САД.