Меморандум за соработка на МНТ и Турски театар со Државните театри на Турција

Министерката Елизабета Канческа-Милевска денеска во просториите на Министерството за култура се сретна со генералниот директор на Државните театри на Турција Неџад Биречик и со директорите на Македонскиот народен театар Дејан Лилич и на Турскиот театар Атила Клинче.

На средбата тие ја информираа министерката Канческа-Милевска дека договориле соработка меѓу трите театарски институции која е потврдена со потпишување Меморандумот за соработка и културна размена.

Канческа-Милевска од своја страна истакна дека потпишувањето на Меморандумот ќе придонесе за подобро запознавање на драмското творештво на двете земји, за реализација на заеднички проекти, како и размена и учество на уметниците од двете земји на значајни културни манифестации во Македонија и во Турција.

Таа додаде дека двете земји имаат традиционално одлична соработка во сите сегменти од областа на културата која резултираше со реализација на повеќе значајни проекти особено во областа на заштитата на културното наследсво и изрази уверување дека со отворањето културно-информативни центри во Истанбул и во Скопје, оваа соработка значајно ќе се зголеми.