Си купувал мобилни телефони со „фалс“ платежни картички

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форезника при ЦПС до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против лицето А.К. од Скопје поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “изработка и употреба на лажна платежна картичка“ по чл.274-б ст.3 вв ст.2, и кривично дело “лажно претставување“ по чл.391 ст.1 предвидено и казниво според Кривичниот Законик на Република Македонија.

Пријавениот со намера да се стекне со противправна имотна корист, во периодот од јануари до мај годинава прибавил банкарски податоци од вистински платежни картички, односно од носителите на странски платежни картички, со кои извршил повеќе успешни и неуспешни нелегални трансакции на македонски интернет продажни места, при што купил мобилни телефони Samsung SM-G900F Galaxy S5 LTE Black Color, HTC Desire 500 бела боја, LG G3 S D7 црна боја, Samsung Galaxy S4 GT-I9506, Smartphone Samsung S5 Mini SM-G800 black. На овој начин, А.К. извршил девет успешни нелегални трансакции со четири фалсификувани платежни картички во вкупен износ од 104.439 денари и 13 неуспешни нелегални трансакции со четири различни фалсификувани платежни картички во вкупен износ од 177.480 денари и 1.940 американски долари. Исто така, пријавениот А.К. со намера да се стекне со противправна имотна корист на 06.02. годинава, телефонски се јавил на сопственикот на едно од продажните места и се претставил како вработен во МВР на РМ, односно како “инспектор Тодоров” кој раководел со акцијата и бил задолжен за испорака на телефонот марка “Samsung S5”, црна боја, и рекол дека потребно е да се врати телефонот на фирмата за брза испорака и да се достави до лицето бидејки работеле на случајот.

Во врска со сето ова Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика има добиено повеќе пријави и тоа од Уни банка АД Скопје, НЛБ Тутунска банка, како и пријава од Американска амбасада за злоупотреба на платежни картички на нивни државјани во повеќе македонски интернет продажни места. Имено А.К. при вршење на нелегалните трансакции односно при нарачките на производите на интернет се претставувал во име на две лице а производите барал да му бидат доставени во една од продавниците на пластичарската улица.

Постапувајќи по пријавите превземени се оперативни проверки, а по претходно издадена судска наредба извршен е и претрес во домот на А.К. каде се пронајдени и одземени повеќе фактури за нарачувани производи од повеќе продажни места, лап топ компјутер, сим картички, повеќе мобилни телефони и усб стикови. Исто така меѓу пронајдените производи пронајден е телефонски апарат на кој се користени сите три спорни мобилни броеви кои се користени при извршување на нелегалните трансакции како и бројот од кој лажно се претставувал како полициски инспектор.