Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија стануваат една компанија

Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија од 1 јули официјално стануваат една компанија. Одлуката е донесена на Собранието на акционери одржано на 17 јуни, со прифаќање на Спогодбата за присоединување, соопштуваат од Македонски Телеком.

Како што се наведува во соопштението, Т-Мобиле Македонија од 1-ви јули нема да постои како правно лице, а сите вработени, како и целокупниот имот и обврски ќе бидат преземени од Македонски Телеком.

На чело на компанијата ќе биде Андреас Маиерхофер, актуелниот Главен извршен директор на Македонски Телеком. Жарко Луковски ќе ја преземе позицијата Главен оперативен директор.

Присоединувањето има за цел да го оптимизира работењето на компанијата преку подобрување на финансиските резултати заради синергиските ефекти и создавање на најдоброто корисничко искуство со помош на супериорни продукти и услуги.

„После подолг процес на планирање и интерни подготовки стануваме една компанија што ќе им нуди на корисниците целосна комуникација на едно место. Ќе станеме поефективни и поедноставни во процесите на работењето и одлучувањето, ќе ги оптимизираме оперативните трошоци што ќе нé позиционира уште подобро на пазарот. Сето ова ќе ни овозможи целосно да се посветиме на корисниците, од една страна преку нудење на иновативни конвергирани услуги преку најновите технологии, а од друга страна преку подобрување на корисничкото искуство. Во исто време, бевме и ќе останеме најголем инвеститор и гарант на силниот развој на телекомуникациската индустрија“, изјави Андреас Маиерхофер, Главен извршен директор на Македонски Телеком.

Компанијата, која е технолошки лидер во регионот целосно ќе се фокусира кон задоволството на корисникот, со понуда на конкурентни интегрирани фиксни и мобилни услуги, што се очекува да доведе до уште подобро позиционирање на пазарот.

„Кога ќе станеме една компанија, максимално ќе ги искористиме можностите на новите технологии во кои инвестиравме. Први во Европа воведовме мрежа целосно базирана на интернет протокол, а први во Македонија 4G со најголема брзина. Сега, како една компанија ќе се стремиме што повеќе да го искористиме потенцијалот на тие технологии, да креираме конвергирани услуги, кои ќе бидат за целото семејство и ќе ги покријат сите комуникациски потреби: интернет, мобилна, фиксна, телевизија. Најдобрата мрежа ќе овозможи огромен проток на податоци во реално време а како една компанија ќе им го овозможиме тоа на корисниците од едно место“ – изјави Луковски, новоназначениот Главен оперативен директор на Македонски Телеком.

Се очекува процесот на присоединување да ја зајакне позицијата на Македонски Телеком како водечки интегриран давател на телекомуникациски услуги во земјата. Тоа исто така ќе обезбеди европска преспектива за напредок на земјата бидејќи тоа позитивно ќе влијае и на севкупните економски движења и на деловното опкружување преку инвестиции во нови технологии и најнови услуги. Македонски Телеком ќе продолжи да биде двигател на промените во телекомуникацискиот сегмент и голем инвеститор и поддржувач на македонската економија и општество.

Извор: Нет Прес