Владина делегација на средба со стопанственици во Виена

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес заедно со министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции,Висар Фида, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони,  Виктор Мизо, остварија средба со повеќе стопанственици во Виена, Република Австрија.

На средбата која се одржа во организација на Федерацијата на австриските индустрии присуствуваа претставници на компании од повеќе сектори, од областа на недвижностите, технолошката индустрија, телекомуникациската и информатичката индустрија, енергетиката и металната индустрија.

Премиерот Груевски ги истакна одличните политички и економски односи со Република Австрија, која за Македонија е важен економски партнер, и истакна дека позитивна улога во развојот на односите имаат и големиот број на австриски компании кои се присутни на македонскиот пазар.

Република Македонија има позитивна бизнис клима, а Светската банка ја рангира државата на 30-то место во годишниот извештај Дуинг бизнис, каде што сме подобро рангирани од 16 земји-членки на Европската Унија, и подобро рангирани споредено со скоро сите држави од Централна и Источна Европа, истакна премиерот Груевски.

Тој посочи дека Македонија е земја со најниски трошоци за водење бизнис во Европа, во смисла на ниските даноци, и сите други останати трошоци, што придонесе многу компании особено од автомобилската и електронско-технолошката индустрија да инвестираат во земјата.

Претседателот на Владата ги истакна реформите за намалување на бирократијата, преку имплементирање на проектот Регулаторна гилотина, со кој илјадници процедури беа укинати, или беа направени побрзи или поевтини за компаниите. Беа акцентирани и договорите за слободна трговија со сите земји во Европа, со исклучок на Русија, вклучувајќи ја Турција, државите од ЦЕФТА и ЕФТА организациите.

Многу од компаниите инвестираа во Македонија искористувајќи ја оваа моќност, да произведуваат и продаваат за овие странски пазари без да плаќаат царински трошоци, истакна Груевски.

Директорот Виктор Мизо ги истакна предностите на 14 технолошко-индустриски развојни зони кои се или ќе бидат лоцирани на различни локации низ целата држава, како што се ослободување од плаќањето данок на добивка и персонален данок во периодот до 10 години и ослободувањето од плаќање царини и данок на додадена вредност за увезените машини и опрема во зоните.

Присутните австриски бизнисмени позитивно ги оценија поволностите за инвестиции кои ги овозможува Република Македонија. Сопственикот на Соравиа груп, г-дин Хано Соравиа, која веќе е присутна на македонскиот пазар со дел од своите бизниси, изјави дека е задоволен од поддршката која ја добива од македонската Влада.

Инвеститорите имаат добро искуство, инвестициската клима во Македонија е многу добра, луѓето се добро образовани и стопанствениците имаат поддршката од актуелната Влада. Проблемот е што политичкото работење на опозициската партија наштетува на уверувањата и напорите да се инвестира во Македонија. Му благодарам на премиерот Груевски што не поддржува во сите наши инвестициски активности, изјави Хано Соравиа.

Премиерот Груевски претходно ја посети компанијата Капш, и нивните производствени погони во Виена, а потоа имаше и одвоена средба со сопственикот и главен извршен директор на компанијата, Георг Капш, кој воедно е и претседател на Федерацијата на австриски индустрии која обединува над 4200 австриски компании. Групацијата Капш е голема австриска компанија со над 5 000 вработени која остварува годишни приходи од над една милијарда долари, и која вложува околу 120 милиони долари годишно за истражувања и развој.

„Почестени сме што премиерот Груевски ја посети нашата компанија. Ние сме посветени на комуникациските системи, телекомуникациите и недвижнините. Македонија е многу интересен пазар за нас, во поглед на капацитетите на работната сила, но и побарувачката. Кога станува збор за бизнис климата во Македонија ние мислиме дека инвестициската клима е многу добра, нудите различни можности, ниски даноци, имате многу пријателска клима за инвеститорите. И ние како Асоцијација на австриската индустрија ве поддржуваме и ги мотивираме австриските компании да инвестираат во Македонија“, изјави Капш.