Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, по повод почетокот на Рамазанските пости упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница Реис ул Улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија.
„Вам и на сите припадници на исламската заедница во Република Македонија, од мое име и од име на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Ви посакувам светите Рамазански денови да ги поминете во добро здравје, благосостојба и мир во душата.
Празничните денови се прилика заедно да се потсетиме дека духовните вредности се заеднички темели што обединуваат и зближуваат, поради што треба посветено да ги чуваме, вреднуваме и да ги надградуваме.
Преку овие универзални вредности: хуманоста, љубовта, правичноста, меѓусебното разбирање, помагање, преку меѓусебното почитување, стануваат реални заедничките стремежи за спокоен живот, но и за успешен соживот.
Водилка кон остварувањето на овие цели нека бидат искрените заложби за општество на сите граѓани и на среќни граѓани, за држава во којашто мултикултурата како достојна цивилизациска придобивка е богатство со коешто Македонија и сите ние може да се гордееме“.“– стои во честитката.