Министерот Мисајловски во работна посета во Латвија

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска престојува во работна посета во Рига, Латвија на министерскиот состанок насловен како “Денови на Европските транспортни коридори”

На состанокот на кој присуствуваат министрите за транспорт од земјите на Западен Балкан, се разговара за главната мрежа на Европски транспортни коридори во рамките на ЕУ и нејзино продолжување во земјите од Западен Балкан.

Целта е во ЕУ а исто така и во регионот на Западен Балкан, оваа основна мрежа да биде изградена до 2030 година со т.н “Тен-стандарди”. Овие стандарди опфаќаат изградба на железничка пруга која ќе биде со брзина од 110 km/h како и изградба на патишта на ниво на автопат или експресен пат.

Министерот Владо Мисјловски ги претстави инфраструктурните проекти што ги реализира Владата на Република Македонија за развој на Коридорот 8 и 10 како и унапредувањето на поврзаноста со регионот и земјите од Европската Унија.

„Македонија влезе во еден инвестициски циклус во патната и железничката инфраструктура. Моментално на Коридорот 10 активно се работи на автопатот Демир Капија –Смоквица. Во меѓувреме се работи на реконструкција на автопатската делница Велес – Скопје (Катланово), а за кратко вреке ќе започне да се реконструира и делницата од Смоквица до Гевгелија со што ќе се добие еден модерен автопат кој претставува транзитна врска од Север кон Југ и обратно“, истакна министерот за транспорт и врски Мисајловски.

Во делот на патната инфраструктура на Коридорот 8, министерот Мисајловски ги претстави и проектите за изградба на автопатот Кичево – Охрид, како и плановите за изградба на автопатска деланица од Гостивар до Кичево.

„За нас многу значен проект е изградбата на новата пруга кон Република Бугарија и Албанија Со изградбата на оваа пруга, Република Македонија ќе добие железничко поврзување кон Исток и кон Запад, важен сегмент за регионалното поврзување“, се обрати пред присутните министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

На министерскиот состанок покрај министрите за транспорт на Македонија, Црна Гора, Албанија, Косово, Србија, БиХ и Бугарија, присуствуваше и Комесарката за транспорт на Европската Комисија, Виолета Булц.