Ивановски: Ваучери за таблет подигнале 5.161 студент, рокот истекува утре

Студентите уште утре од факултетите каде студираат можат да подигнат ваучери од 8.000 денари за набавка на таблет со тастатура што се доделуваат преку проект на Владата. До вчера 5.161 студент ги подигнале ваучерите, а тоа треба да го направат уште 80 избрани преку конкурсот што го спроведе Министерството за информатичко општество и администрација.

Од вкупно пријавените 7.290 студенти на конкурсот 5.273 ги исполнија условите да добијат ваучер. Одбиени се 1.797 кај кои е утврдено дека родителите имале повисоки приходи од утврдените со конкурсот, како и 368 кои не го исполниле условот да бидат редовно запишани за првпат во завршната трета или во четврта година.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната седница на Собранието за пратенички прашања оцени дека со проектот е постигнат огромен успех затоа што најголем дел од избраните 5.273 студенти веќе се стекнаа со вредносен ваучер.

„До вчера 5.161 студент веќе ги подигнале ваучерите од своите факултети, а останува уште утре за другите студенти кои не ги подигнале да ги земат и да ги искористат бидејќи крајниот рок е 25 јуни. До почетокот на денешнот ден 5.000 од овие ваучери веќе беа искористени и тоа е директна инјекција во приватниот сектор за информатички технологии кој во изминатиот период се соочуваше со потешкотии во продажбата на таблетите. Ефектот е повеќекратен затоа што дел од овие компании не само што не ги отпуштија вработените, туку и вработија нови за да можат да одговорат на барањата на студентите и да ги испорачаат најдобрите услуги“, рече Ивановски.

Тој се надева дека до истекот на рокот ќе бидат подигнати и искористени и останатите 80 ваучери. Службите на МИОА се јавувале кај администраторите на факултетите за да им укажат кој студент подигнал ваучер. Системот за проектот покажува кој зел ваучер и каде го искористил што, според Ивановски, може да спречи евентуална злоупотреба и се предвидени санкции.

„Од приватниот сектор добиваме позитивни информации дека најголем дел од студентите ја искористуваат вредноста на ваучерот до максимум односно до 8.000 денари. Има мала група која сака да набави од полуксузните па додаваат од свој џеб, што е дозволено со законот“, рече министерот Ивановски.

Со мерките на Владата, како што е доделувањето ваучери за набавка на таблет, според Ивановски, се поддржува информатичкото општество и граѓаните и се придонесува за раст во рангирањето од Светскиот економски форум за ИКТ писменоста на нашето општество.

„Ако пред две години бевме на 67 место од 143 држави денес сме на 47 место,“ наведе Ивановски.