Нова 21 аптека низ Македонија

Фондот за здравствено осигурување вчера потпиша договор со нови аптеки, аптекарски станици и подвижни аптеки, вкупно 21, на територијата на Република Македонија. За сите нови договoрни партнери, утврдени се квоти кои почнуваат да важат од 1 јули оваа година.

Од новите потпишани договори, 5 се подвижни аптеки, чија цел е снабдување со лекови во рурални средини, со најмалку еден здравствен работник, фармацевтски техничар. Новите 5 подвижни аптеки се за следниве подрачја: село Врапчиште – Гостивар (покрива 29 населени места); село Ростуше, општина Маврово (покрива 64 населени места); село Могила, општина Могила (покрива 115 населени места); општина Боговиње – Тетово (покрива 17 населени места); село Брвеница, општина Тетово (покрива 35 населени места). Бројот на население кое е опфатено со 5-те нови подвижни аптеки и бројот на граѓани кои ќе имаат олеснет пристап до лекови, изнесува 33,786 граѓани. Вкупната годишна квота која Фондот ќе ја издвојува за овие аптеки е 3,8 милиони денари.

Потпишани се договори за нови 13 аптекарски станици за следниве населени места: село Горно Оризари – Битола; село Пирава – Валандово; село Мелница, општина Чашка; село Блатец – Виница; село Градец – Виница; село Негорци – Гевгелија; село Ваташа – Кавадарци; село Тркање, општина Кочани; село Црнилиште -општина Долнени; село Црешево – општина Гази Баба; село Шишево – Скопје; Кондово – Скопје; село Милетино, општина Брвеница – Тетово. Годишната квота која Фондот ќе ја издвои за новите 13 аптекарски станици е 7,8 милиони денари.

Дополнително, вкупната вредност на квотите за 46-те аптекарски станици со кои Фондот претходно потпиша договори, изнесува 31,4 милиони денари годишно. Односно, за вкупниот број на досега склучени 59 договори со аптекарски станици и 5 договори со подвижни аптеки, Фондот обезбедува  43 милиони денари.

Исто така, Фондот склучи договор и со една рурална аптека, во село Обршани, општина Кривогаштани. Истовремено, склучени се и 2 нови договори со аптеки кои добиле лиценца за работа во мрежата утврдена од Министерството за здравство во Кичево и во Тетово.

Население кое е опфатено со придобивките од склучување договори со нови  аптекарски станици во рурални средини е преку 50,000 осигуреници. Со овој проект обезбедуваме континуирана примарна здравствена заштита на осигурениците и полесна достапност до лекови. Со претходно потпишаните 46 договори за аптекарски станици ја зголемивме достапноста на лекови поблиску до местото на живеење на преку 180 илјади граѓани, а исто така огромен број граѓани ќе можат да подигнат лекови на товар на ФЗОМ преку подвижни аптеки.

ФЗОМ годишно издвојува значителна сума од 2 милијарди и 450 милиони денари за лекови за граѓаните во земјава. Средствата се распределени на вкупно 768 аптеки кои во моментов имаат активен договор.

Да сумираме, за вкупно 67 аптеки, аптекарски станици и подвижни аптеки, придобивките од потпишувањето на овие нови договори се значајни за повеќе од 180.000 граѓани кои живеат во рурални средини, па така истите им овозможуваат на осигурениците и на граѓаните да заштедат и пари и време за набавка на неопходните лекови. Воедно со тоа овозможуваме и отворање на нови работни места.