Проект за зајакнување на капацитетите на службите за безбедност на храна

Пренесување знаења и искуства од земјите -членки на ЕУ, особено од Италија, подобрување на условите за спроведување на европските политики и системи, обезбедување функционална пазарна економија, зајакнување на механизмите за рамноправно учество на европскиот пазар и промоција на извозот.

Ова се дел од целите кои треба да се постигнат со Твининг проектот „Институционално зајакнување на капацитетите на надлежните служби за спроведување на законодавството на ЕУ од областа на безбедноста на храна, ветеринарната и фитосанитарната политика“.

Проектот, кој денеска беше презентиран, е финансиран од ЕУ, ИПА 2010 компонента 1 (помош при транзиција и институционално зајакнување). Проектот ќе трае 19 месеци, а завршува на 28 ноември 2016 година.

Кориснички институции се Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство.

Евроамбасадорот Аиво Орав информира дека овој проект ќе се спроведува со италијанското Министерство за храна и политики. – Во проектот беа вложени 1,3 милиони евра, како дел од зајакнувањето на земјоделскиот сектор во Македонија, рече Орав.

Амбасадорот на Италија во Македонија Ернесто Масимино Белели истакна дека целта на проектот е да се воведат и споделат најдобрите ЕУ-практики во Македонија, во контекст на македонското законодавство за, како што рече, да може да воспоставиме една функционална пазарна економија.

Според него, земјоделството е високо приоритетен сектор во кој се реализира овој проект и додаде дека ќе има ефект врз економијата.

„Ќе им се овозможи на македонските производители да влезат на европскиот пазар, ќе се овозможи пораст на економијата и можност да се даде неопходната поддршка на земјоделците кои македонската Влада веќе им ја овозможува на објективен и најдобар можен начин“, потенцира Белели.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков потсети дека во последните години Владата и Министерството за земјоделство направиле огромни напори за да го поттикнат и поддржат развојот на земјоделското производство, како и подобрување на фитосанитарните стандарди на земјоделските производи.

Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека активностите кои се опфатени со проектот се од областа безбедност на храната и ветеринарно јавно здравство, здравствена заштита на животните и фитосанитарна политика.

Според него, очекувани резултати кои ќе произлезат од проектот се подобрување на квалитетот на суровото млеко, унапредување на традиционалното производство, согласно барањата на ЕУ, подобрување на пасошки системи за растенија.