Охриѓани и гостите беа дел од Денот за спортски предизвик – Спортикус

Возење кајак, едрење, пливање, возење велосипед, играње тенис, аеробик го исполнија денешното претпладне на голем број охриѓани и гости од сите возрасти кои го прифатија спортскиот предизвик и беа дел од настан СПОРТИКУС – ДЕН ЗА СПОРТСКИ ПРЕДИЗВИК кој во организација на Црвен крст Охрид, а со поддршка на клубот за спортови на вода Акватика, пливачкиот клуб Охридски бранови 2008, велосипедскиот клуб Екодром и ИБ фитнес, се одржа денес на просторот на Центарот за безбедност на вода на Црвен крст Охрид кај плажата Горица 1. Екипите за прва помош на Црвен крст Охрид вршеа основни здравствени прегледи на посетителите, а дел од тимот на спасители на вода имаа освежувања на своите знаења за укажување прва помош. За најмладите атрактивно беше возењето во спасителниот чамец со спасителите на вода на Црвен крст Охрид.

Црвен крст Охрид денес ги промовира и новите мобилни тимови за укажување прва помош, кој во летниот период со посебно опремени велосипеди ќе патролираат по охридските плажи и ќе интервенираат со укажување на прва помош во случај на потреба.