Одржана конститутивна седница на Претседателството на ОпО на СБ – Охрид и Дебрца

Претседателството на ОпО на СБ – Охрид и Дебрца, ја одржа својата конститутивна седница во нов состав.

Како што информираат, на седницата биле усвоени повеќе работни документи, направен е осврт на работата во изминатите 6 месеци и трасиран е патот во остварувањето на целите и задачите во наредниот период, согласно статутарните определби и програмските насоки.

„Претседателството оцени дека живееме и работиме во тешки и сложени општествени, економски и безбедносни состојби. СБ на Македонија како непартиска, невладина, патриотска, мултиетничка и единствена организација на учесниците во НОАВМ 1941-1945 година, низ која се изборени слободата и државноста на ова земја, не се бори за власт или одделна политичка партија. Но, СБМ има морален кредибилитет и животен интерес да се залага и да се бори за опстанокот и безбедноста на земјата, како и за стабилен, демократски, општествен и економски развој на Република Македонија и просперитетен живот на нејзините граѓани, без разлика на етничка, верска и политичка определба. Така како што прокламира Првото Заседание на АСНОМ при создавањето на првата слободна држава, темелница на денешна самостојна и суверена Република Македонија. Во овој судбоносен политички момент за РМ е најнеопходно насоглаување на сите општествени и творечки сили во земјава за надминување на овие состојби, реформирање на демократските вредности на правната држава и натамошен развој на РМ, нашата единствена држава, здобиени со крвта на најдобрите синови на Македонија. СБМ ги повикува политичките лидери да изнајдат решение за излез од политичката криза бидејќи со непродуктивните лидерски средби и закочените преговарачки процеси, се зголемува револтот кај сите граѓани на РМ. Ако е искрена заложбата за ставање на интересите на граѓаните пред партиските и личните интереси, компромисот мора да се постигне во најкус можен рок. СБМ повикува на доследно почитување на договорот од 2 јуни и формирање на преодна ( транзициона ) влада, влада која доследно ќе ги исполни препораките на Европскита комисија содржани во извештајот на Прибе. Преодната влада мора да создаде услови за фер и демократски избори во април 2016 година.“ се вели во соопштението на Претседателството на ОпО на СБ – Охрид и Дебрца.