Директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија директно со осигурениците во Охрид

Директорите на Фондот за здравствено осигурување, д-р Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани во рамките на денешната работна посета на подрачната служба на Фондот во Охрид, продолжија со реализација на започнатиот проект, во секоја од подрачните служби да се запознаат со реалните проблеми и потреби како на осигурениците, така и на вработените. Овие средби истовремено се и можност за изнаоѓање на моментални или системски решенија за надминување на проблемите и пропустите кои осигурениците или вработените ги детектирале.

Подрачната служба на Фондот во Охрид има специфика во своето работење во летниот период, поради зголемен број на осигуреници од две причини. Првата е зголемениот број на сезонски миграции на население кое има куќи или станови и летниот период живее во Охрид, како и домашните туристи. Во тој период, доколку станува збор за хронични пациенти, истите со своите рецепти издадени од нивните матични лекари од цела Македонија, може слободно да ги реализираат во 27-те аптеки во Охрид. Истите доколку имаат потреба од итна и неопходна здравствена услуга, ќе бидат примени во службите во здравствените домови или во општата болница во Охрид. Директорите истакнаа дека е за поздравување мобилноста на итната медицинска помош, која без престан, 24 часа, секој ден во неделата, е на располагање на граѓаните и туристите во Охрид.

DSC06193_cr

Вториот сегмент на осигуреници – туристи во Охрид, се странски туристи, а посебно од земјите од Европа со кои Република Македонија има склучено договор за социјално осигурување (17 на број), кои итните и неопходни здравствени услуги ги добиваат само со плаќање на партиципација, исто како и нашите државјани. Поради спецификата со секоја земја, која произлегува од билатералниот договор кој го имаме склучено, за некои странски туристи, потребно е да приложат европска здравствена картичка, а некои да приложат двојазични обрасци за здравствено осигурување. Подрачната на Фондот во Охрид, од годинава, има посебно назначено лице кое е на располагање на странските туристи за било какви дилеми или прашања во врска со здравственото осигурување.

Денес се посети и ново отворената аптека во туристичката населба Пештани, каде се видоа условите за работа како и снабденоста со лекови на товар на Фондот. Воедно, директорите на Фондот изјавија дека од 1 јули се зголемени квотите на 634 аптеки, кај 37 квотата е иста а 74 е намалена. Оваа редистрибуција е со цел да ги обезбеди осигурениците со достапност на лекови на рецепт во аптеките кои имаат договор со Фондот. Директорите укажаа дека редистрибуцијата на квотата за аптеки е извршена врз основа на реализација на квотите на аптеките во изминатите шест месеци и тоа во пракса значи, која аптека издавала повеќе лекови во рамки на лимитот (квота) таа добила зголемување за наредниот период.

DSC06179