ЈП „Охридски Комуналец“: Чаршијата се чисти од гуми за џвакање

Екипите на „Јавна хигиена“ при ЈП „Охридски Комуналец“ денес реализираа акција за отстранување на гумите за џвакање од мермерните плочи по градската чаршија, на потегот од плоштадот „Св.Климент Охридски“ до плоштадот „Крушевска Република“ кај Чинарот.

„Акцијата се спроведе со почеток во 2.00 часот по полноќ, до 08.00 часот наутро, заради помала фреквенција на движење по чаршијата. Во отстранувањето на гумите за џвакање беа ангажирани 5 комунални работници со специјални алатки.“ – велат од претпријатието.

Уште додаваат дека одржувањето на јавната чистота е континуиран процес кој обезбедува квалитетно чистење на јавните површини и отворените простори заради обезбедување на здрава и чиста животна средина. Во Законот за јавна чистота, меѓу другото, строго е забрането фрлање и оставање на хартија, опушоци, мастики, амбалажи, земја, отпадоци и истото се санкционира.