Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ) го поздравува постигнатиот договор со посредство на нашите пријатели од ЕУ и САД, со кој конечно се создаваат основни претпоставки за започнување на политичката и правна разврска на кризата создадена од автократскиот начин на владеење на власта, од недостаток на нејзино чувство за државните и национални интереси, од неспособноста на партизираните државни институции да се справат со деспотизмот и корупцијата, како и немањето цел да се обезбедат човековите слободи и права и да бидат ефикасен и функционален сервис на граѓаните.
ПОПГМ предупредува дека е нужно, паралелно со политичкиот, да отпочне и продолжи процесот на откривање на вистината во случаите „прислушкување“ и „пуч“ со цел низ независна и непристрасна правна разрешница одговорните, кои и да се, да ја почувствуваат силата на законите и смислата на владеењето на правото, вклучително со конфискација на сиот незаконски и криминално стекнат имот.
ПОПГМ е уверена дека овој договор обезбедува само минимум нужни препоставки за организирање фер и демократски избори на 24 Април 2016 година. Во функција на оваа цел, укажуваме на потребата за мобилизација на сите чинители на македонското општество, како би се ефектуирале можностите граѓаните без никаков притисок и врз основа на сопствено убедување, базирано на вистинити информации, да го дадат својот глас за оние политички субјекти за кои ќе поверуваат дека со нивната чесност, знаење и посветеност кон интересите на граѓаните на Република Македонија ќе обезбедат просперитет и надеж за подобра иднина на сите генерации.