Во Струга ќе се одржи работилница за ready made на културниот центар „Кула“

Културниот центар „Кула“ во соработка со фестивалот „Дримon“, го отвора повикот за работилница за ready-made. Работилницата ќе се одржи во Струга, во рамки на фестивалот Дримon од 22-24 јули. Повикот е отворен за сите заинтересирани млади луѓе кои веќе имаат познавања или би сакале да се запознаат со ready-made методот на творење.

Учесниците на оваа работилница ќе имаат прилика да се запознаат со основите на концептот ready-made и да творат во духот на неговото поимање. Предметите кои ќе се изработуваат во текот на истата ќе бидат накит, скулптури и неконвенционални инструменти од рециклиран отпад. Главната цел на работилницата е да вмрежи млади луѓе кои се заинтересирани за алтернативните начини на употреба на секојдневните предмети.

Откако учесниците ќе го проследат воведното предавање за ready-made, ќе се постават работни групи во однос на материјалите и предметите на изработка. По завршувањето на работилницата предвидена е изложба од изработените скулптури и концерт со создадените инструменти.

Ментори на работилницата се Сандра Јовановскa, Маја Стојковска, Сања Симоска, Иван Трајчев и Марко Јанев. Работилницата е подржана и финансирана од Холандската Амбасада во Скопје. Сите заинтересирани можат да се пријават преку испраќање на пополнета апликација на http://ku-la.org/?p=2221 и кратка мотивациона изјава на workshop@ku-la.org најдоцна до 19 јули.

За учество во работилницата не е потребно предходно искуство во оваа област, а бројот на учесници за работилницата е ограничен на 20 (дваесет).

Реди мејдот е принцип на изразување, карактеристичен за визуелните уметности. Потекнува од движењето на дадаистите (1913-1918) кога Марсел Дишан го пријавил на конкурс веќе легендарниот писоар под наслов „Фонтана“ како легитимно уметнички дело. Најконцизната дефиниција за реди мејд е дека е тоа предмет од вонуметничко потекло кој е преземен, означен и изложен како уметничко дело со или без интервенции. Главна цел на дадаистичкиот реди мејд била да се згрози високата академска публика. Подоцна реди мејдот континуирано се експлоатира во рамките на авангардните и неоавангардните движења. Постмодернизмот во рамките на својот стилистички арсенал ги вклучува сите историски техники при што ги укинува и ублажува нивните првични контексти.