„Нашиот клас“ – совршен актерски перформанс за судбината на Евреите во Полска

Животната судбина на Евреите во едно мало село во Полска ќе биде прикажана вечерва на „Охридско лето“ преку театарската претстава „Нашиот клас“ што ќе ја одиграат Театарот „Камери“ и Националниот театар „Хабима“ од Тел Авив, Израел.

На денешната прес-конференција во фестиваксата дирекција на „Охридско лето“ присуствуваше израелскиот амбасадор во Република Македонија Ден Оријан кој најави дека ова дело ќе се одигра по повод 20-годишнината од воспоставувањето на димполатските односи помеѓу Израел и Македонија.

„Станува збор за два водечки театри во Израел и навистина ми беше голема чест што помогнав оваа претстава да се одигра во Охрид, а по повод одбележувањето на јубилејот од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји, да се прикажува и во Битола, Скопје, како и во други држави“, изјави амбасадорот Оријан.

Генералниот директор на театарот „Камери“ Ноам Семел рече дека целио театарски ансамбл кој учествува во претставата пристигнал во Охрид завчера и сите се мошне возбудени.

„Како прво, ова е прв настап на израелскиот театар на хебрејски во Македонија. Како второ, радосни сме што „Нашиот клас“ се изведува за првпат со театар „Камери“ и Националниот театар „Хабима“ надвор од Израел. Како трето, кога пристигнавме овде дознавме дека израелската заедница била протерана и од тука, од Македонија. Како четврто, со претставата што е напишана од полски автор, сакаме да запалиме свеќа за сите протерани луѓе во Втората светска војна“, појасни Семел.

Режисерот на претставата Ханан Снир истакна дека оваа тема што ќе биде поставена вечерва во Охрид не се однесува само на Евреите и на тоа што ним им се случило, туку таа зборува за расизмот, за предрасудите во целиот свет и за тоа како некој може да прави лоши работи на луѓето во соседството.

„Во едно мало село во Полска половина луѓе биле Полјаци, половина Евреи. Тие живееле заедно многу добро. Биле добри соседи но за време на окупацијата на Германија, Полјаците ја искористиле приликата што биле под германски чадор и 1600 Евреи ги ставиле во штала и ги запалиле. И на овие простори сметам дека постои конфликт на расна, национална и религиска основа. Оваа претстава не е воопшто тешка и комплицирана за гледање. Почнува со децата во училиште кои тргнуваат на шест години и во неа продолжуваат да се развиваат ликовите до нивната 80-та година од животот. Ќе има доста танцување, пеење, детски игри и ќе биде интересна за гледање“, најави режисерот Снир.

Генералниот директор на театар „Камери“ Ноам Семел рече дека со режисерот Снир соработуваат и се пријатели веќе долго време и оти постојано се опкружени со добри актери.

„По многуте претстави што ги направивме заедно, „Нашиот клас“ можеби нема да го промени мислењето на луѓето, но ќе ги поттикне барем повеќе да размислуваат. Таа нема да го смени ниту мислењето на политичарите, но сметам дека политичарите и во Израел, но и насекаде во светот се плашат од театарот“, изјави Семел.

Во претставата „Нашиот клас“ игра и првата актерска дама во театарот „Хабима“, Евгенија Додина која во 1990 година заедно со група актери и режисери пребегала од Русија во Израел и веднаш почнала да ги игра големите улоги. Таа е почесен доктор на науки на Универзитетот во Тел Авив.

„Мојата трансформација од улога во улога не зависи од мене зашто во театарот нема јас, туку ние и сето тоа зависи од режисерот. Пристигнувајќи од Русија во Израел, јас само ја сменив сцената на која настапувам,“ рече Додина.

Актерката Нета Гарти ја игра улогата на Дора во претставата.

„Ја играм Дора која е претставена од нејзината шеста година до 21 година од животот. Била брутално силувана и убиена од тројца другари од нејзиниот клас. Убиена е како и сите други Евреи, запалена со своето бебе кое го држи во рацете“, одгатна Гарти.

Селекторот на драмскиот дел на фестивалот „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски вели дека во претставата „Нашиот клас“ игра актерска екипа со совршени актерски перформанси.

„Претставата „Нашиот клас“ ќе се игра на хебрејски јазик, но со превод на македонски и на англиски јазик. „Охридско лето“ е интернационален фестивал каде јазиците се мешаат од сите страни“, рече селекторот Јолевски.

„Нашиот клас“ ќе се одигра вечерва во предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. Публиката на „Охридско лето“ ќе ужива во актерските перформанси на звучните израелски театарски имиња речиси два и пол часа.