Повторно оштетувања на македонските возила во Грција

Со почетокот на летната сезона, Граничната полиција евидентираше два случаи на оштетување на возила на македонски државјани кои летувале во Грција, со што вкупниот број на оштетени возила за оваа година до сега изнесува четири.

Имено, на 18.07. (сабота) на ГП „Богородица“, пријавено е оштетување на задното лево стакло, оштетена лајсна и оштетен преден браник со предна лајсна на ПМВ марка „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Д. од Скопје и на 19.07. (недела) на ГП „Стар Дојран“, од страна на лицето Т.Д. од Штип, пријавено е скршено лептир стакло на ПМВ „Хонда“ со штипски регистарски ознаки, при што било отворено возилото од каде е одземен новчаник од сопатникот З.С. во кој имало возачка дозвола и лична карта на негово име.

Настаните се случиле во местото Пиреа, односно езеро Киркини и истите не се пријавени во грчката полиција.

Инаку, како што претходно МВР ја информираше јавноста, првото оштетување на возило на македонски државјани за оваа година беше пријавено на 14.03. на ГП „Богородица“ од страна на М.Б. од Прилеп кој управувал ПМВ „Форд Мондео“ со скопски регистарски ознаки. Возилото било оштетено(изгребано) на левата врата со остар предмет додека било паркирано на аеродромот во Солун. Вториот случај е пријавен на 14.06. на ГП „Меџитлија“ од страна на Б.М. од Охрид, кој додека бил во местото Метаморфози, на предната хауба забележал видливи знаци на оштетување од цврст предмет со ознака „NO-MK“ и дупната задна лева гума на своето ПМВ марка „Мерцедес Бенз“ со охридски регистарски ознаки. Иако случаите биле пријавени во грчката полиција, оштетените не добиле Записник.