Исплатена зголемената парична помош за 10 насто и помошта за згрижувачки семејства за 25 насто

Владата ја исплати зголемената социјална и постојана парична помош за социјално ранливите категории за 10 проценти и зголемениот надомест за семејствата кои згрижуваат деца без родители за 25 проценти. Зголемената социјална помош е исплатена пред десетина дена, а вчера се исплатени средствата за постојаната парична помош и за згрижувачките семејства.

Ветувањето на Владата кон примателите на социјална помош и семејствата што згрижуваат деца без родители е исполнето, а поддршката ќе продолжи и во наредниот период. Ова го истакнаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при денешната посета на Дневниот центар за деца со церебрална парализа.

„Вчера е извршена исплатата на зголемениот надомест за 25 проценти за семејства што згрижуваат деца без родители, која претходно изнесуваше од 6.000 до 8.000 денари, а сега ќе изнесува од 8.000 до 10 илјади денари. Истовремено почнавме и со исплатата на зголемената социјална и постојана парична помош за околу 35.000 кроисници за 10 проценти. Имавме ветување дека ќе ја зголемиме за 5 проценти, но најдовме можности во Буџетот да го зголемиме на 10 проценти и верувам дека со тоа колку толку успеваме да им помогнеме на овие лица да имаат поголема помош и поддршка од државата и да имаат поголем надомест“, изјави Ставрески.

Тој додаде дека Владата и понтаму ќе продолжи со поддршката на социјално ранливите категории во сите сфери и оти и наредната година ќе има ново зголемување на социјалната и постојата парична помош.

Потенцира дека Владата води постојано грижа и за останатите ранливи категории при тоа потсети на поевтинувањето на лековите, обезбедувањето бесплатно здравство за лица без приходи, за пензионерите и слично. – Социјалната компонентата е силно изразена во рамки на Буџетот и ние и со овогодинешниот и со буџетите за наредните години ќе обезбедиме доволно средства за сите социјално ранливи категории, рече Ставрески.

Според министерот Спасов, со исплатата на зголемената постојана парична помош и надоместокот за згрижувачките семејства Владата продолжува со реализација на ветените проекти и претставуваат зголемување на социјалната заштита, социјалната сигурност и влијаат на намалување на социјалната исклученост на најранливите категории во Република Македонија.

„Зголемувањето на социјалната помош е и дополнителна поддршка за најранливите материјално необезбедени работоспособни граѓани, а денеска правиме дополнителен напор односно ја исплаќаме зголемената постојана парична помош за материјално необезбедените работонеспособни граѓани, како и зголемувањето за 25 проценти на додатокот за згрижувачки семејства кои згрижуваат деца без родители и родителска грижа, деца со пречки во развојот и деца со воспитно социјални проблеми“, рече Спасов.

МТСП, како што додаде Спасов, во соработка со Министерството за финансии како влада и понатаму ќе продолжиме да даваме огромна поддршка на најранливите категории граѓани на оние кои им е потребна дополнителна финансиска поддршка меѓутоа и дополнителни капацитети за вонинституционална социјална заштита.