Иванов: Договорот со Иран е чекор кој треба да води кон стабилизација

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со амбасадорот на Исламска Република Иран во Република Македонија, Н.Е. г. Саид Садег Мохамади.

На средбата претседателот Иванов го поздрави постигнатиот договор на Иран со петте постојани членки на СБ на ОН и Германија за иранската нуклеарна програма, оценувајќи го истиот како историски позитивен чекор‎ за земјите од регионот на Блискиот Исток.

„Договорот помеѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија, претставува чекор кој треба да води кон стабилизација и поголема безбедност во регионот на Блискиот Исток”, истакна претседателот Иванов, и додаде дека целосната имплементацијата на истиот ќе придонесе долгогодишните тензии и санкции да се преточат во конкретна економска соработка и градење доверба. ‎„Со договорот за Иран, за една стара цивилизација, земја со богата култура и традиции, се отвора можноста за ново поглавје, повторно да биде активен член во меѓународната заедница и да придонесува за регионалната и меѓународната безбедност”, рече претседателот Иванов.

Во тој контекст, македонскиот претседател истакна дека унапредувањето на економската соработка и јакнењето на трговската размена меѓу Република Македонија и Исламската Република Иран, треба да биде приоритет на двете земји во наредниот период, воедно посочувајќи на потребата од унапредување на договорната и правна рамка.

Амбасадорот Мохамади посочи дека договорот гарантира дека иранската нуклеарна програма ќе биде исклучиво за мирољубиви цели и ќе биде во функција на зацврстување на регионалната и меѓународната безбедност.

Иранскиот амбасадор изрази задоволство од укинувањето на долгогодишните економски санкции и дипломатска изолација и истакна дека договорот отвора нова перспектива во соработката со светот, што позитивно ќе се одрази на јакнење на меѓусебната доверба.

Во разговорите, амбасадорот Мохамади го реафирмираше ставот дека Иран и во иднина ќе настојува на градење и развивање на билатералната соработка со Република Македонија во сите области од заемен интерес.