Тодоров: Пациентите и здравствените работници заемно да се почитуваат

Односот меѓу пациентите и здравствените работници треба да почива врз заемно почитување, но и врз база на почитување на Законот и почитување и унапредување на правата на здравствените работници и правата на пациентите. Во таа насока, доследно треба да се почитуваат одредбите од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на унапредувањето на хоспиталната култура, како и Правилникот за хоспитална култура, кој треба да се применува во сите јавни здравствени установи низ државата.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека значајни фактори за квалитет на еден здравствен систем се и нивото на знаење и вештина на лекарот, расположливите најсовремени апарати, достапноста на лековите, и квалитетната здравствена инфраструктура, кои во најголем дел може да се подобрат со инвестиции и во голем обем зависат директно од висината на тие инвестиции. Но, посочи министерот, градењето на пациент – центричен систем подразбира и обврска на здравствените власти силно да инвестираат и во промената на хоспиталната култура.

„Пациент – центричниот здравствен систем подразбира градење на односи кои ќе превенираат конфликти, нервози и незадоволство и ќе овозможат позитивна работна атмосфера. Во тој правец сакам да апелирам за доследно почитување на одредбите од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на унапредувањето на хоспиталната култура, како и Правилникот за хоспитална култура, кој треба да се применува во сите ЈЗУ“, рече Тодоров.

Законот, појасни, предвидува пациентот или членовите на семејството на пациентот да можат да поднесат претставка во писмена форма или усно на записник до директорот со која го изразуваат своето незадоволство поради неприменување и непочитување од страна на здравствените работници на принципите и правилата на однесување и работење утврдени со правилникот за хоспитална култура. Во претставката задолжително се наведува телефон за контакт и адреса.

Нагласи дека Законот предвидува дека подносителот на претставката не смее да биде повикан на одговорност, ниту да трпи какви било штетни последици поради поднесувањето на претставката, освен доколку подносителот во претставката изнесува или пренесува нешто невистинито што може да наштети на честа и угледот на здравствениот работник, поради што здравствениот работник може да поднесе тужба.

„Директорот е должен да одржи состанок со подносителот на претставката во присуство на дипломиран правник вработен во јавната здравствена установа и/или координаторот за квалитет. Јавната здравствена установа не постапува по анонимна претставка, освен ако се работи за прашања од јавен интерес утврден со закон. Директорот, односно директорите на јавната здравствена установа се должни да одговорат во рок од 15 дена од приемот на претставката“, рече Тодоров.

Ако при постапувањето по претставката, појасни министерот, се утврди дека на подносителот на претставката му е повредено право или му е нанесена штета, директорот, односно директорите на јавната здравствена установа ќе ги преземат потребните мерки за отстранување на повредата на правото, односно причинетата штета, а раководителот на внатрешната организациона единица во јавната здравствена установа во која е распореден здравствениот работник, против кој е поднесена претставката задолжително ќе поднесе барање за поведување на дисциплинска постапка против здравствениот работник.

Во Законот стои дека директорот на ЈЗУ формира комисија за водење на дисциплинска постапка во рок од три дена од денот кога ќе се утврди дека на подносителот на претставката му е повредено право или му е нанесена штета и во истиот рок од три дена го известува подносителот, а во рок од 15 дена донесува решение за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплински престап.

„Примерок од решението за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплински престап директорот на ЈЗУ доставува до подносителот на претставката, кој има право да достави претставка до Министерството за здравство доколку во овие рокови не добие известување за формирање на комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап, односно не добие решение за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплински престап, во кој случај министерот за директорот на ЈЗУ ќе определи договорна казна во висина од 200 евра во денарска противвредност“, истакна Тодоров.

Додаде дека Законот предвидува директорот да биде разрешен ако два пати последователно или три пати во текот на една година, до директорот на ЈЗУ била доставена претставка но тој не формирал комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап, ниту донел решение за изрекување на дисциплинска мерка.