Во рамките на фестивалот Охридско лето, вечерва во црквата „Св. Софија“ ќе се оддржи концерт насловен како „Полска вечер“ со извонредните уметници и виртуози – пијанистот Славомир Зубрицки, тенорот Рафал Зураковски и пијанистката Ана Мерник.
Во фестивалската историја на традиционалната Полска вечер на Охридско лето ќе остане запишан концертот со еден од најславните композитори на денешницата – Кшиштоф Пендерецки.
Минатата година посебна атракција беше концертот на ексклузивниот гудачки квартет „MozART group“ од Полска. Оваа година , според најавите, уште еден незаборавен концерт кој со сигурност нема да ги остави љубителите на музиката рамнодушни.
„Оваа година ексклузивноста на фестивалот Охридско Лето, која ни е особено значајна, ќе се потврди и со премиерата на инструментот наречен виола/оргули Леонардо Да Винчи.Како резултат на долгогодишната соработка на фестивалот „Охридско лето“ со Амбасадата на Република Полска во Република Македонија, и оваа година публиката ќе има можност да ужива во изведбата на полски реномирани уметници. Исполнители на делата ќе бидат тројца извонредни полски музичари. Славомир Зубрицки е полски пијанист, композитор и градител на инструменти. Како солист и камерен уметник настапувал низ повеќе земји во светот и соработувал со бројни музички имиња. Негова специјалност е изведувањето современа музика. Овој пат тој ќе свири на инструмент кој самиот го направил наречен виола/оргули. Инструментот започнал да го прави во 2009 година, а го завршил во 2012 година. Правен е по скица на Леонардо да Винчи стара повеќе од 500 години, чија идеја е да се направи гудачки инструмент, кој во истовреме е и клавишен инструмент. Премиерата на овој инструмент била во 2013 година на Интернационалниот кралски пијано фестивал во Краков, каде доживеал огромен успех и невиден публицитет во медиумите. На концертот во рамките на годинашново „Охридско лето“ инструментот ќе ја доживее и својата премиера во Македонија“, вели селекторката на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова Неделковска.
Славомир Зубжицки е полски пијанист, композитор и изработувач на инструменти. Дипломирал на Музичката академија во Краков на одделите по пијано и современа музика, по што заминува на Бостонскиот музички конзерваториум, каде што ги доусовршува своите пијанистички способности. Како солист и камерен уметник настапувал низ повеќе земји во светот, а соработувал и со бројни музички имиња.
Добитник е на многубројни награди и признанија. Негова специјалност е изведувањето современа музика. Овој пат, тој ќе свири на инструмент што самиот го направил, наречен виола-оргули. Инструментот започнал да го прави во 2009 година, а го завршил во 2012 година. Правен е по скица на Леонардо да Винчи, стара повеќе од 500 години. Премиерата на овој инструмент била во 2013 година на Интернационалниот кралски пијано фестивал во Краков. Ана Мjерник своето образование го завршува на Музичката академија во Краков, во класата на истакнати професори – пијанистите Андреј Пикул и Славомир Зубжицки. Добитник е на повеќе награди на национални и на интернационални натпревари, а чест гостин е и на мајсторските школи на некои од најеминентните современи пијанисти. Како солист и камерен музичар досега настапувала во повеќе од 17 земји на 4 континенти. Во својот репертоар, речиси, секогаш вклучува по едно или по повеќе дела од полски композитор, па затоа се смета за еден од најголемите промотори на полската музика надвор од границите на својата земја. Рафал Жураковски е полски оперски пејач, пијанист и педагог. Своето деби го доживува во 1998 година, во Државната опера во Вроцлав, каде што ја исполнува улогата на Алфредо во операта „Травијата“ на Џузепе Верди. Оттогаш е постојано присутен на оперските сцени во светот, каде што соработува со голем број реномирани диригенти и изведувачи. Редовно настапува на некои од најзначајните фестивали во светот, изведувајќи дела од различни музички периоди. Неговото музицирање публиката секогаш го прима со посебно воодушевување.