Германската компанија од автомобилската индустрија „ОДВ Електрик“ за две недели ќе почне со изградба на фабрика во индустриската зона помеѓу Охрид и Струга каде најавува инвестиција од 15 милиони евра и отворање 1.000 нови работни места.
Договорот за изградба на фабриката го потпишаа денеска во Скопје сопствениците на компанијата Кристијан Вајс и Андреа Мет и извршниот директор Лудвиг Батон со директорот на Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо во присуство на премиерот Никола Груевски.
„ОДВ Електрик“ по одлуката за инвестирање во Македонија во април лани на крајот на годината почна со пробно производство во постојни капацитети во Охрид и досега има вработено 130 лица. Плановите се до крајот на годината бројот на вработени да достигне 150 по што ќе следи етапно реализирање на најавените 1.000 нови работни места. Новата фабрика во индустриската зона помеѓу Охрид и Струга според најавите треба да почне со работа кон средината на следната година.
Премиерот Груевски по потпишувањето на договорот изрази задоволство што во пресрет на големиот државен празник Илинден се објавуваат две нови големи инвестиции во Македонија, на „Кранфилд фаундри“, со која беше потпишан договор вчера, и на „ОДВ електрик“.
Најзначајно во проектот на „ОДВ електрик“, потенцира Груевски, е планираното етапно отворање на 1.000 работни места, кои се особено значајни за целиот охридско струшки регион и ќе значат нови можности за работа и кариера на многу граѓани од околните градови и помали населени места.
„Тоа е нашата примарна цел за која ќе продолжиме напорно да работиме“, рече Груевски порачувајќи им на претставниците на ОДВ електрик дека во Владата и државните институции и понатаму ќе имаат партнер за соработка.
„ОДВ Електрик“, како што посочи, е уште еден голем европски производител од автомобилската индустрија која ќе изгради своја фабрика во Македонија.
„Станува збор за семејна компанија со свои капацитети во Германија, Украина, Унгарија, а во наредниот период и во Македонија. Компанијата изработува разни компоненти за автомобили, а со нејзиното присуство во Македонија уште повеќе го зајакнува нашиот имиџ како земја на автомобилската индустрија“, рече Груевски.
Извршниот директор на „ОДВ електрик“ Лудвиг Батон информира дека како снабдувач на автомобилски компоненти со средина големина во последните седум години двојно го зголемиле својот обрт и оти за понатамошен развој и им бил потребен дополнителен производствен капацитет во Европа. Во производството во погонот во Охрид се вклучени 130 вработени, ангажирани во три смени, а до крајот на оваа година се очекуваат повеќе од 150 вработени.
„Планот на ОДВ е за две недели отсега да почне со изградбата во слободната индустриска зона Струга -Охрид. Предноста на целиот процес беше во тоа што македонската Влада има создадено организација која точно знае што очекуваат потенцијалните инвеститори и што им е потребно“, рече Батон.
Од стартот на активностите во Македонија добиле организациска поддршка со што планираното се одвивало полесно и се постигнале побрзи резултати отколку, како што рече, во која било друга земја.
„Со расположливата владина рамка и структури и професионалната поддршка како од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони и од Агенцијата за странски инвестиции можевме да ја изградиме нашата фабрика со мал тим за релативно кратко време. Брзиот почеток во веќе постоечкиот објект и планираната изградба во слободната индустриска зона подоцна не ни беа понудени во ниту една друга земја“, рече извршниот директор на ОДВ Електрик.
Според Виктор Мизо, „ОДВ Електрик“ ја донеле одлуката за инвестирање во Македонија во краток временски период од декември 2013 година до април 2014. Во меѓувреме за тоа придонела и средбата на македонскиот владин тим со претставници на компанијата во тек на економската презентација на Македонија во февруари лани во Штутгарт. Десетина дена по средбата делегацијата од компанијата веќе ја посетила Македонија.
„Погонот на ОДВ електрик треба да биде сличен на тој што го имаат во Украина. Важно е што за две недели ќе почне градбата на објектот кој до средината на идното лето треба да биде функционален“, рече Мизо.