Тренерската организација и Центарот за едукација при ФФМ денеска го одржаа редовното годишно лиценцирање на тренерите во Прва и Втора МФЛ.
Лиценцирањето се одржа во хотел „Гранд Плаза“, а на присутните тренери им се обратија претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, претседателот на Тренерска организација, Ѓоре Јовановски и директорот на Центар за едукација, Небојша Марковски.
„Сите ние кои сме дел од Фудбалската федерација на Македонија имаме одговорност и обврска активно да се вклучиме во програмите на федерацијата кои придонесуваат за развој на македонскиот фудбал. Едукацијата на тренерите е едно од важните прашања за ФФМ, верувам дека и тренерите на вистински начин ќе го прифатат нашиот концепт, посебно националната програма која претставува нова филозофија во создавањето на играчи и овозможува долгогодишен опстанок и развој на македонскиот фудбал. Квалитетот на создавање на играчи претставува многу комплексен концепт и во теорија и во пракса, а стручните лица кои можат да помогнат во развој на фудбалот, Македонија мора да ги создаде сама, оттука многу е значајно да се продолжи процесот на едукација, независно што веќе сте тренери со ПРО лиценца и да се следат семинарите кои ги организираме со врвни стручни тренери од странство. Ние сме тука активно да се вклучиме во процесот и се надевам на позитивни промени“, – рече во обраќањето, Илчо Ѓорѓиоски.
Потоа следеше презентација на Претседателот на лекарска комисија при ФФМ и член на антидопинг комитетот на ВАДА, д-р Илија Стоилов на тема „Спортот со и без допинг“, на кој беа опфатени сите аспекти и можни последици од користењето на допинг супстанции и која е улогата на тренерите во спречувањето на оваа појава во макфудбалот.
Настанот заврши со доделувањето на тренерските лиценци од страна на проф. д-р Небојша Марковски кој на сите тренери им посака успешна сезона.