Државниот секретар Бехиџудин Шехапи го затвори шестдневниот фестивал на театри „Тука фест“ во Струга

Државниот секретар во Министерството за култура, Бехиџудин Шехапи, синоќа во Струга се обрати на свеченото затворање на второто издание на фестивалот на театри „Тука фест“. Театарскиот фестивал траеше шест дена и собра познати актери од Албанија, меѓу кои присутни беа и: Маргарита Ѓепа, Роберт Дреника и Ујка Мујо; потоа Тинка Курти и Енвер Петровци од Косово и Бајруш Мијаку и Рафет Абази од Република Македонија.

Државниот секретар им посака многу успех и плодна соработка на сите присутни уметници, при што во својот поздравен говор им се заблагодари на директорот на фестивалот Џељадин Пошка и на уметничкиот директор Ољса Пошка, кои за кратко време успеале да подготват квалитетна програма и успешен фестивал.

Министерството за култура и во иднина ќе продолжи да ги поддржува ваквите културни настани, чија цел е афирмација на театарската уметност не само во Република Македонија, туку и пошироко, а со тоа стимулирајќи ја и регионалната соработка со земјите од нашето соседство.