Охрид „врие “ од гости. Продолжениот празничен викенд го преполни градов со туристи. Место повеќе се бара во хотелските но и капацитетите на приватниот сектор. Градот под Самуиловите тврдини пулсира 24 часа со полни ресторани, кафаулиња и забави на охридските плажи. Незаборавни за посетителите беа синоќешните концерти на една од најголемите регионални ѕвезди, легендарниот Здравко Чолиќ,настапот на eден од најпознатите електронски музичари од Балканот, Кирил Џајковски како и концертот на виртуозот на виолина,Стефан Миленковиќ.
Според охридскиот градоначалник Никола Бакрачески бројот на гости што доаѓаат во Охрид континуирано се зголемува, а се очекува дека оваа сезона ќе биде рекордна по посетеност од страна на домашните и странските гости.
„Можам да кажам дека Охрид веројатно ја доживува најуспешната летна сезона споредено со минатите десеттина години и овој тренд сметам ќе биде во нагорна линија, бројот на гости ќе расте, што е и прогноза на нашите стручни служби и тур операторите . Посебно радува што времето, за разлика од минатите години, е одлично и тоа е еден од факторите што овозможи да имаме една од најуспешните сезони. Во моментов доминира бројот на странски гости од Турција, Белгија, Холандија, Србија, Бугарија, Полска и од други држави, а викендов има голем број и домашни гости“, истакна градоначалникот Бакрачески кој рече дека и во наредниов период Охрид нуди привлечни содржини коишто допринесуваат сезоната да биде продолжена до првата половина на месец октомври.
„Денеска во Охрид се одржа малиот пливачки маратон, на крајот од месец август ќе биде големиот пливачки маратон, Европското првенство за кадетки во кошарка, традиционалната манифестација „Охридска софра“, потоа фестивалот на „Вино и сирење“ ,неколку фестивали на фолклорни ансамбли . Сето тоа допринесува во комплетирање на туристичката понуда. Според мене годинешнава летна туристичка сезона ќе биде продолжена. Сметам дека престојот на оние странски туристи кој беше најавуван за крај на септември и прва половина на октомври така ќе биде реализиран. Претпоставувам дека викендите во текот на септември и октомври доколку послужи времето ќе бидат полни со домашни гости“, изјави градоначалникот и подвлече дека Општина Охрид изминатиов период активно работела на привлекување што е можно поголем број домашни и странски туристи.
„Голем удел во успешноста на туристичката сезона имаат силните и прогресивни промотивни и маркетиншки активности кои во изминативе две години ги спроведува локалната самоуправа кои продолжуваат тековно. Секако во успешноста на туристичката сезона големо влијание има и воспоставувањето на директните авио линии од Охрид до Базел и Лондон и обратно. Овој тренд претпоставувам дека идната година ќе биде збогатен со директни авио линии кон уште една дестинација што секако силно ќе допринесе бројот на странски туристи се повеќе да расте“, потенцира Бакрачески.
Охрид е интересен и разнолик во својата понуда за сите туристи . За едни градов е привлечен поради езерото и културно – историските знаменитости, но многумина се почесто го посетуваат и поради активните форми на туризам, околните планини и природата воопшто, кои се се поактуелни и се во полн подем на развој.