Меѓународен турнир „Илинден 2015“ во гаѓање со воздушно оружје

Викендов на стрелиштето Бејбунар во Охрид, во организација на стрелачкиот клуб „Охрид“ и Општински стрелачки сојуз „Охрид“ се одржа традиционалниот меѓународен Турнир – „Илинден 2015“ во гаѓање со воздушно оружје – меѓународна програма на кој учествуваа клубови од Македонија, Р.Бугарија и Р. Србија.

„Доказ дека стрелаштвото во соседството отиде многу далеку е и овај турнир, на кој доминираа стрелците од Врање, Сандански и Благоевград.“– велат од СК „Охрид“.

Еве ги резултатите:

Нашиот најдобар стрелец, Михаил Шишкоски се пласира на втората позиција со резултат од 392,7 кругови зад првопласираниот Никола Ристиќ од Врање кој постигна резултат од 395,6 кругови. Мартин Гоџоски се пласира на петтата позиција со резултат од 375,9 кругови ( на натпрварот се пукаше во машка и женска конкуренција, без двоење на јуниорите од сениорите, на 40 истрели).

Васко Попоски се пласира на 8-мата позиција, додека Иво Илинчев, кој за првпат учествува на меѓународен турнир заврши со резултат од 329,9 кругови.

Кај жените конкуренцијата беше поголема: најдобриот стрелец од Македонија во женска конкуренција, Нина Балабан се пласира на втората позиција со резултат од 404,4 заостанувајќи зад првопласираната Ваниела Андонова од Благоевград,за само 0,3 кругови. Ангела Алексовска, која во моментов е најдобриот стрелец од нашиот клуб во женска конкуренција, се пласира на седмата позиција, со резултат од 388,8 кругови. Следуваше Мартина Петровска на 10-тата позиција со резултат од 377,4, и Верица Гоџоска на 14-тата позиција со резултат од 365,2-после пауза од речиси две години и на крај, свој дебитантски настап имаше и најмладата членка на нашиот клуб Симеона Милеска.

Во екипен пласман СК „Охрид„ ја зазеде 3-тата позиција, со резултат од 1158,9 пласирајќи се зад екипите на СК „Врање“ и СК „Санел“ од Сандански со резултат од 1174,7 односно 1205,1.

„Ова е доволно голем доказ дека и покрај огромните напори кои клубот од Охрид ги прави за опстојување и унапредување на стрелаштвото во Македонија, работите на државно ниво конечно треба да земат друга насока, односно одговорните од федерацијата, кои немаат организирано ниту едни припреми, ниту кампови ниту пак Турнири од ваков тип, за разлика од соседните земји каде тоа е пракса) ги уназадуваат нашите стрелци, кои итекако се талентирани, а најчесто во неможност за настапи надвор од државата, одлучуваат и да се откажат од овај спорт.“– додаваат од СК „Охрид“.